„Марка“: 70 милиони евра? Реал го продаде Касемиро за многу повеќе

од Vladimir Zorba

Најчитаниот шпански весник, кој откри дека Манчестер Јунајтед дошол во Мадрид по Касемиро, потоа дека славниот дефанзивен играч за врска на Реал решил да го напушти клубот по десет години, а исто така и деталите од договорот меѓу бразилскиот ас и разнишаниот англиски гигант, објави уште една голема вест поврзана со трансферот кој ги шокираше навивачите на Реал и шпанската јавност.

Имено, никој не очекуваше Касемиро (30) од клубот чија икона е и кој е актуелен шампион на Шпанија и Европа, да замине во Јунајтед кој е на врвот на резултатската криза. Сепак, Манчестер му понуди две години подолг договор од оној што му го дава Реал. Политиката на клубот е на играчите кои ќе наполнат 30 години да им даде нов договор за најмногу две години, додека Јунајтед на Касемиро му даде договор на четири плус една година и годишна плата од 21 милион евра. Двојно повеќе од она што го добиваше во Реал.

Сето ова прва го напиша „Марка“, која сега реагираше на вестите од инаку сигурни извори, дека Реал за Касемиро добива фиксна, загарантирана отштета од Јунајтед од 60 милиони евра, додека преку бонуси може да се добијат уште 10 милиони евра. „Марка“ тврди дека тоа не е точно: „Манчестер Јунајтед ќе плати 70 милиони евра фиксни на Реал за Касемиро, а варијабилниот дел изнесува 15 милиони евра“.

Значи, дури 15 милиони евра повеќе отколку што пишуваат англиските и другите шпански медиуми и италијанските инсајдери. Со тоа Касемиро би бил петтиот најскап играч во историјата на Јунајтед, а повеќе од него платиле само Лукаку, Санчо, Мегваер и Погба.

„Марка“ додава дека на овој начин Реал ќе оствари минимална добивка од 57 милиони евра на Касемиро: „Реал го донесе со обештетување од 6,5 милиони евра од Сао Паоло, по што Порто го зеде на позајмица за 600 илјади евра. Реал потоа го купи од Порто за 7,5 милиони евра“.

Кога ќе се повлече линијата на тие зделки, Реал за Касемиро плати вкупно 13,4 милиони евра. Сега го продава за минимум 70 милиони евра, што значи дека на тоа направил голема заработка; најмалку 57 милиони евра. А згора на тоа му донесе и 18 трофеи“.

Слични содржини