Мешовитата комисија разговарала за учебниците по историја и заедничко чествување на Гоце Делчев

од Nikola Popovski

Вчера и денес Комисијата за историски и образовни прашања ја одржа својата 20 седница. Врз основа на претходно утврден дневен ред членовите на Комисијата разговараа за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, соопштија попладнево од Министерството за надворешни работи (МНР) околу последниот состанок на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања од С. Македонија и Бугарија.

Според МНР, во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура.

-Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година, стои во соопштението на МНР од македонската страна во Мешовитата комисија.

Следната средба меѓу двете страни е најавена за во октомври.

Пред два дена беа направени промени во македонскиот тим. Дел од него е Димитар Лоровски – историчар и професор на Институтот за национална историја, кој го зазеде местото на Ванчо Георгиев, кој минатата година ја напушти комисијата.

Во август, мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања усвои и објави препораки за учебници по историја за VI одделение во Република Северна Македонија и за V одделение во Бугарија, како и препораки за заедничко почитување на личностите од средниот век – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил.

Овие препораки беа усвоени од Мешовитата меѓувладина комисија формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Скопје и Софија.

Слични содржини