Мигрантска криза: Ердоган ја одбил европската помош од една милијарда евра – Кого вие лажете? Не ги сакаме тие пари

од Nikola Popovski

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ја отфрлил европската помош од милијарда евра за прифаќање мигранти во Турција во време кога илјадници се наоѓаат на грчката граница, пренесува Хина.

„Ние разговараме со нив. Тие ни велат: Ќе ви испратиме милијарда евра. Кого вие сакате да лажете? Не ги сакаме тие пари“, изјави Ердоган на прес-конференцијата во Анкара, во присуство на бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Овие изјави доаѓаат во време кога Европската унија се повеќе се грижи за пристигнувањето на илјадници мигранти на грчката граница, бидејќи Турција објави дека „ја отвори вратата“ за бегалците.

Обвиненија за убиство на мигранти

Ердоган во понеделникот ја предупреди ЕУ дека не сака да го „дели товарот“ со Турција, која прифати близу четири милиони мигранти и бегалци, главно од Сирија, кои бегаат од војната во сопствената земја.

Турскиот претседател, исто така, ги обвини „грчките војници“ за „убивање на двајца мигранти“ на грчко-турската граница и еден тешко ранет, без притоа да ги поддржи со докази.

Претходно во понеделникот, портпарол на грчката влада ја нарече „лажна вест“, видеото на кое се гледаат грчки војници како убиваат сириски мигрант, пренесува Хина.

Режим на подготвеност

Повеќе од 10.000 мигранти, претежно од Сирија и други земји од Блискиот исток и Авганистан, стигнаа до турските граници со земјите од ЕУ, Грција и Бугарија откако официјална Анкара минатиот четврток објави дека ќе престане да ги задржува на нејзина територија.

Грција во неделата ја прогласи државата со најголема подготвеност да ја заштити границата од прилив на илјадници мигранти на нејзината територија и најави дека сите нови барања за азил треба да бидат суспендирани за оние кои илегално влегуваат во земјата.

Слични содржини