Мицкоски: Од Франција треба да учиме!

од desk4

На денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при одговарање на новинарски прашања, за тоа дали доколку има техничка влада знае кои функционери би биле дел од неа, тој истакна дека за партијата поважни се процесите.

„За персонални решенија никогаш досега не сме разговарале. нас ни биле секогаш поважни процесите и во името на тие процеси, ВМРО-ДПМНЕ така функционираше изминатите речиси две години, откако јас бев избран за претседател. Најпрвин да сочекаме да видиме што ќе се случува во деновите кои што следат, а потоа ќе следи и одговорот на ВМРО-ДПМНЕ.  Веруваме во човечкиот потенцијал, во кадровскиот потенцијал, верува во сопствените политики, дека ќе понудиме равенка која оваа држава ќе ја направи европска земја. Персоналните решенија ќе ги оставиме за друга дискуција. но нас ни се важни процесите, а тие се поврзани со решенијата на оваа равенка“.

Мицкоски исто така истакна дека не треба вината да ја лоцираме во Макрон, туку напротив дека треба да учиме од демократска земја како што е Франција.

„Заев навреди неколку наши стратешки сојузници како што е Унгарија, како што е Полска, за потоа да го впери прстот кон еден од најмоќните светски лидери и една од врвните дипломатии во светот, а тоа е Франција. Апсолутно не се согласувам, затоа што јасно ни беше кажано дека не е потребно само потпишување договори, потребно е и многу работа, потребни се реформи. За жал во оваа држава нема реформи. Најлесно му е нему да состави неколку реченици на хартија и да ги потпише истите, бидејќи за тоа не треба време, не треба креативност, не треба визија и не треба стратегија. Но, за реформи треба малку повеќе работа.  Тоа е суштината зошто денеска ние немаме безусловен датум за преговори, но тоа треба да биде и поука за во иднина што треба да направиме да за добиеме чист датум за отпочнување на преговори. Тоа што повеќе ме зачуди е невештиот тим во Владата, скапо платениот тим, како невешто ги поткреваа очекувањата иако и на нив им беше јасно дека ќе дојде до она што денеска се случи. Почнуваме да разбираме дека ако не успееме да ги слушнеме принципите и аргументите, тогаш за жал резултатот е ваков каков што е денеска. Се додека имаме политичари кои што со раката на срцето и главата ќе ни ветуваат нешто, а ништо не испорачуваат ќе тапкаме во место. Како опозиција дадовме шанса на процесот, иако имавме начини да одмогнеме на процесот. Одлучивме во екот на најголемите коруптивни скандали да замолчиме и затоа и ние сносиме дел од одогорноста. Интересот на државата бил пред се и над се. Од Франција треба да учиме и да земеме пример како треба да растеме како општество и како треба да се однесуваме како политичари. Кога ќе бидеме зрели барем приближно на тоа што се очекува од нас, ние ќе добиеме и ветер во грб и чиста дата и ќе бидеме еден ден дел од европското семејство“, потенцираше Мицкоски.

Слични содржини