МВР апелира да не се шират лажни вести: Расчистен нападот во „Техномаркет“, насилниците се приведени пред повеќе од месец дена

од Nikola Popovski

Во врска со видео материјалот кој е објавен вечерва на неколку портали, со тврдење дека станува збор за денешен настан, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека станува збор за настан од месец септември, кој е целосно расчистен и насилниците се приведени.

Имено, по преземени мерки и активности, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје на 25.09.2023 ги лишиле од слобода Ф.В.(25) и А.Ф.(33), двајцата од Скопје поради основано сомнение дека на 20.09.2023 во продажен објект кај арената „Тоше Проески“ физички го нападнале вработениот А.В. од Скопје.

Двајцата биле задржани во полициска станица и во службен разговор со полициски службеници го признале делото.

Во координација со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава, а од страна на судија на претходна постапка определена им е мерка домашен притвор. Од МВР апелираат да не се шират лажни вести кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните.

Иако нападот се случил пред повеќе од месец и половина, денеска „Курир“ на социјалната мрежа X објави видео под наслов „Напаѓачи од скопски Сарај претепуваат вработен на Техномаркет среде Скопје“. Потоа уште петнаесетина медиуми го пренесоа видеото од тепачката, како да се случил денеска.

Слични содржини