Научник од Англија: Зголемен бројот на случаи со новиот вид на коронавирус кај децата

од Stefanija Kuzmanovska

Британски експерти тврдат дека новиот вид на коронавирус, откриен во таа земја, сега инфицира повеќе деца, а тие досега беа најзаштитени. Во САД дури за 25 проценти се зголеми бројот на деца позитивни на ковид.

Мутираниот вид на корона, кој е 70% позаразен, ги напаѓа децата многу повеќе отколку досегашниот коронавирус, на кој најимуни беа најмладите, се покажа во Велика Британија, од каде настана мутацијата и каде што брзо се шири.

Академик Нил Фергусон, член на NERVTAG, советничка група на британската влада, посочи дека постои „навестување“ дека децата се поподложни на мутираниот вирус.

„Бројот на случаи со нова варијанта кај децата под 15 години е значително поголем. Сè уште нема доволно докази за теоријата дека децата сега се повеќе подложни на вирусот, но тоа е истакната хипотеза – рече Фергусон, професор на Кралскиот колеџ во Лондон, објави „Дејли меил“.

Училиштата работеа

Можно е, рече тој, дека бранот на нова варијанта на короната, наречена Б.1.1.7, што се случи за време на затворањето во ноември, кога училиштата работеа, да се случи токму поради тоа што е поефикасна во заразувањето деца од претходната.

Професорката Венди Баркли, која исто така е од Кралскиот колеџ и член на NERVTAG, истакна дека децата досега биле позаштитени од короната затоа што имаат многу помалку рецептори ACE2, за кои се врзува, отколку возрасните.

„За претходниот вирус беше потешко да се поврзе за ACE2 и да влезе во клетките, така што возрасните, кои имаат изобилство на ACE2 во носот и грлото, беа лесна мета, а децата беше потешко да се заразат. Поновиот вирус полесно го постигнува тоа и затоа децата се исто толку подложни на овој вирус како и возрасните. Не е дека вирусот конкретно е насочен кон децата, но сега е потешко да се запре“, навела таа.

Овој вид, за кој британците тврдат дека не дава посериозна клиничка слика и не ја зголемува смртноста, веќе е откриен во Јужна Африка, Австралија, Италија, Данска, Холандија… Германија верува дека веројатно стигнала и до нив, а истото го мисли доктор Ентони Фаучи за САД, каде што бројот на деца заболени со корона скокна за 25 проценти помеѓу 3 и 17 декември, како што пренесува Си-Ен-Ен.

Слични содржини