Никој не е виновен за кокаинот во Белата куќа

од Nikola Popovski

Американската тајна служба ја заврши истрагата за кокаинот пронајден во Белата куќа без осомничен. Тајната служба го информирала Комитетот за надзор и одговорност на Претставничкиот дом за резултатите од истрагата, потврдија од Тајната служба.

Во суштина, соопштиле членовите на Комитетот, Тајната служба ги информирала дека истрагата ќе биде завршена во петок и дека не знаеле кој го донел кокаинот во Белата куќа.

Кокаинот беше пронајден на 2 јули, а Тајната служба потврди дека се работи за дрога. Дрогата е забележана во фоајето на Западното крило во просторот каде поединци одложуваат електроника и лични предмети пред да влезат, изјавиле извори од Тајната служба, пренесе РТС.

Тајната служба им соопштила на претставниците на Комисијата за надзор и одговорност на Претставничкиот дом дека биле пронајдени 0,007 грама кокаин. Членовите на Комитетот биле информирани и дека Тајната служба нема временска рамка за тоа кога кокаинот бил оставен во Белата куќа.

Можел да биде оставен тој ден, една недела претходно или месеци пред тоа, рекол претставникот на Демократите Џејми Раскин.

Тајната служба во четвртокот потврди дека нејзината истрага завршила поради недостаток на физички докази.

Слични содржини