Нови пожари во Грција: Две лица загинаа, голем број на евакуирани

од Stefanija Kuzmanovska

Грција се бореше со нов бран смртоносни пожари во вторникот, втор во еден месец, кој веќе однесе два живота и принуди многу жители да се евакуираат.

Неконтролирани пожари беснеат на североистокот на земјата, на островите Евбеја (близу Атина) и Китнос и во провинцијата Беотија, северно од Атина, придружени со опасна комбинација на силен ветер и температура до 41 Целзиусов степен.

„Имаме девет активни фронтови“, изјави за AFP портпаролката на противпожарната служба. „Имавме слична ситуација во јули“, додаде таа, мислејќи на претходниот бран пожари во кој загинаа пет лица.

Во понеделникот вечерта беше издадена наредба за евакуација на болницата во Александрополис, пристанишен град во североисточна Грција, каде пожарите беснеат веќе четврти ден по ред.

Крајбрежната стража извести дека евакуирала 65 пациенти на траект што чекал во пристаништето.

Во центарот на островот Евбеја, во понеделникот вечерта беше издадена наредба за евакуација на индустрискиот град Неа Артаки, каде во пожарот беа оштетени живинарски и свински фарми.

Пожарот го загрози и националниот парк Дадија, на север од земјава, каде во понеделникот вечерта беше пронајдено тело, најверојатно на мигрант без документи.

Во понеделникот во Беотија бил пронајден мртов овчар.

Европската унија најави дека ќе испрати двајца канадера стационирани на Кипар и романска противпожарна бригада преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Екстремно топло и суво време, кое фаворизира појава на пожари, во Грција ќе продолжи до петок, предупредува метеоролошката служба.

Слични содржини