Обелоденета содржината на германско-францускиот предлог за решавање на односите меѓу Србија и Косово

од Destan Jonuzi

Во јавноста излезе германско-францускиот договор, кој предвидува конечно решавање на односите меѓу Белград и Приштина. Меѓу другото, овој договор предвидува Србија и Косово да ги развиваат меѓусебните односи врз основа на еднаквост.

Порталот „Нова.рс“ добил увид во содржината на овој документ, кој се состои од вкупно девет точки, а целта му е целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Во првиот член од договорот се наведува дека Косово и Србија ќе развиваат нормални добрососедски односи засновани на еднаквост, а вториот член предвидува дека Косово и Србија ќе се водат од заедничките аспирации за членство во ЕУ.

– Во согласност со Договорот за стабилизација и асоцијација потпишан од двете страни, Косово и Србија ќе ги решаваат сите меѓусебни спорови исклучиво со мирни средства и ќе се воздржат од закани или употреба на сила. Сега и во иднина ја потврдуваат неповредливоста на границите што постојат меѓу нив и се обврзуваат целосно да го почитуваат меѓусебниот територијален интегритет – се вели во третиот член од договорот.

Во четвртиот член се наведува дека „Косово и Србија произлегуваат од претпоставката дека ниту една од двете страни не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име“.

Во членот пет се наведува дека Косово и Србија ќе ги промовираат мирните односи на Западен Балкан и ќе придонесат за регионалната безбедност и соработка во Европа, а членот шест дека Косово и Србија ќе дејствуваат со заемно почитување на јурисдикцијата на секоја страна.

– Косово и Србија изразуваат подготвеност да ги регулираат практичните и хуманитарните прашања во процесот на нормализирање на меѓусебните односи. Тие ќе склучат договори за развој и подобрување врз основа на овој договор и за заемна корист од соработката во областа на економијата, науката и технологијата, транспортот, правдата, поштата и телекомуникациите, здравството, културата, спортот, животната средина, заштитата и во други области. Деталите се договорени во дополнителниот протокол – се вели во седмиот член од договорот.

Во осмиот член е предвидено Косово и Србија да разменат постојани мисии формирани во владите на овие две земји, а во деветтиот член Косово и Србија да се согласат дека овој договор нема да влијае на билатералните и на мултилатералните меѓународни договори и договори што веќе се склучени или се повикуваат на нив.

„Албанијан пост“ уште во септември ја објави наводната содржина на германско-францускиот предлог, со кој Србија де факто ќе ја признае независноста на Косово, но без вистинско формално признавање. Така, Србија не би го блокирала приемот на Косово во ОН, туку овие две земји би продолжиле да функционираат како Источна и Западна Германија, кои меѓусебно не се признаваа.

Слични содржини