Ограбена позната златарница во центарот на Париз, штета до 15 милиони евра

од Vladimir Zorba

Златарницата „Piaget“ во Улицата на мирот во центарот на Париз била ограбена во вторникот на ручек, а за нападот се осомничени три лица, кои побегнале со накит вреден 10 до 15 милиони евра, соопшти полициски извор и париското јавно обвинителство.

Улицата на Мирот и плоштадот Вендом, во центарот на француската престолнина, се познати во светот по својот луксузен накит и брендови на часовници.

За време на грабежот нема повредени, изјави полициски извор. Истрагата е во тек, соопштија од обвинителството.

Според првичните резултати од истрагата, во грабежот учествувале три лица, меѓу кои најмалку едно имало оружје.

Последниот вооружен грабеж на луксузен накит во Париз се случи на 29 април. Тој ден три лица кои возеле со мотор упаднале во златарницата „Bulgari“ на плоштадот Вендом. Двајцата напаѓачи биле вооружени, изјави полициски извор, а притоа бил застрелан и чуварот.

Штетата се проценува на „неколку милиони евра“.

Слични содржини