Опозицијата поднесе иницијатива за недоверба на Владата, ќе се одлучува во четврток

од Nikola Popovski

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за во четврток во 11 часот ја закажа седницата за доверба на владата на Зоран Заев.

Џафери седницата ја закажа откако иницијативата за гласање доверба на владите на СДСМ и ДУИ беше поднесена од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива и владеачката Беса.

Наводно меѓу потписниците на иницијативата бил и пратеникот од Алтернатива, Скедер Реџепи, кој синоќа изјави дека ќе го повлече потписот бидејќи „не сака да биде на ист список со партијата Левица“.

Поднесувањето на иницијативата за гласање доверба на владата на Зоран Заев вчера го најави потпретседателот и пратеник на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски, а пред два дена го најави лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски рече дека новото парламентарно мнозинство, договорено во петокот вечерта, ќе поднесе интерпелација доколку премиерот Зоран Заев до понеделник до 14:30 часот „не го исполни ветувањето и поднесе оставка“.

Заев вечерта после изборите изјави дека „ја презема одговорноста за поразот на локалните избори и поднесува оставка“, но дека „останува на ставот дека не треба да се организираат предвремени парламентарни избори“ и дека владата на СДСМ и на ДУИ треба да го завршат целиот мандат.

Последните парламентарни избори во земјава се одржаа минатото лето, по што СДСМ заедно со ДУИ ја формираа втората заедничка влада. Дел од Владата се и ЛДП, ДОМ, БЕСА и ДПА.

Слични содржини