Орце и Ана Камчеви ќе сведочат за „Рекет“

од Maja Serafimova

Бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга Ана Камчева денеска треба да се појават во Кривичниот суд во Скопје како сведоци на Обвинителството за случајот „Рекет“, во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.

 

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.

Милески има право на жалба до Апелацискиот суд само во делот на висината на казната. Во издржувањето на казната, како што велат од Судот, ќе му биде пресметано и времето поминато во притвор и куќен притвор започнувајќи од 15.7.2019 година.

На денешното рочиште за „Рекет“ од домашен притвор треба да биде донесена второобвинетата Катица Јанева, а првообвинетиот Бојан Јовановски од КПУ Затвор – Скопје каде што издржува мерка притвор.

Боки 13 и Катица Јанева ќе докажуваат дека не се виновни. Јавната обвинителка Вилма Рускоска во воведен говор на судското рочиште рече дека жртви во овој предмет не се тие на кои им се барале пари, туку жртви сме сите граѓани на оваа држава.

Обвинителството, рече Рускоска, ќе докаже дека Јанева го направила тоа од алчност и дека свесно ја злоупотребила службената положба, со што ја издала довербата на народот.

– Ќе изнесеме цврсти докази дека Јанева свесно и со умисла на Боки 13 му изнесувала материјали од предистражни постапки кои се службена тајна за да може Боки 13 од обвинетите во тие постапки да бара милионски пари за тие постапки да завршат со спогодба или во најдобар случај како сведоци, изјави Рускоска.

 

Слични содржини