Актуелно
Почетна / Локално / Остануваат уште 4.000 субвенции за инвертери, најмногу аплицирале од Кисела Вода

Остануваат уште 4.000 субвенции за инвертери, најмногу аплицирале од Кисела Вода

Околу 1.000 потенцијални загадувачи од претходната грејна сезона оваа зима ќе го сменат начинот на греење, покажуваат бројките на Град Скопје, од кои досега, за 10 дена, поднесени се 1.006 апликации за субвенции за инвертери. Доделувањето на субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата е дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот.

Од Градот информираат дека остануваат средства за уште околу 4.000 барања и дека очекуваат значително да се подобри квалитетот на воздухот затоа што директно ќе влијае во борбата против загадениот воздух.

Досега по општини аплицирале: Кисела Вода 200, Ѓорче Петров 166, Гази Баба 136, Бутел 118, Карпош 105, Аеродром 98, Чаир 87, Центар 63, Шуто Оризари 23 и Сарај 10 граѓани.

Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 1 јануари 2020 година, до завршувањето на повикот на 30 ноември 2020 години или до денот на исцрпување на средствата. На граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ.

Град Скопје ги потсетува граѓаните од сите скопски општини дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата, каде што граѓаните може да аплицираат онлајн. Сите информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување ќе ги најдете на следниов линк https://www.surveymonkey.com/r/gradskopje-inverter2020

Согласно со условите, на овој јавен повик може да аплицираат сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот.

Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот.

Новитет на овој јавен повик е условот граѓаните доброволно да ја достават (без надоместок) постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на мазут на локација која дополнително ќе им биде соопштена

loading...