Oткажана трката на Формула 1 за Големата награда на Австралија

од Stefanija Kuzmanovska

Трката на Формула 1 за Големата награда на Австралија, која беше на програмата во ноември, е откажана поради пандемијата на коронавирусот.

Според организаторите, Формула 1 не успеала да направи компромис со австралиските власти во врска со строгите правила за карантин при влегувањето во земјата. Правилото за задолжителен карантин од 14 дена се очекува да биде во сила до крајот на годината при влегување во Австралија.

Првично трката требаше да се одржи на 21 март, но беше одложена за 21 ноември поради пандемијата. Најдобрите возачи на Формула 1 нема да возат во Алберт Парк втора година по ред, бидејќи минатогодишната трка беше откажана исто така поради пандемијата.

Директорот на Формула 1, Стефано Доменинали изјави дека, и покрај откажувањето, сепак е можно да се организираат 23 трки во сезоната.

„Иако е разочарувачки што нема да се тркаме во Австралија оваа сезона, убедени сме дека можеме да обезбедиме 23 трки во 2021 година, имаме бројни можности“, изјави тој.

Исто така, откажана е годинашната трка на шампионатот во Мото ГП, закажана за 24 октомври во Австралија.

Слични содржини