Пендаровски нема да ја помилува Јанева, екс-обвинителката останува во затвор

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски нема да ја помилува поранешната шефица на згаснатото Специјално јавно обвинителство Катица Јанева. Од Кабинетот на претседателот информираат дека е одбиено барањето за помилување.

„Со оглед на интересот на медиумите, ве информираме дека претседателот Стево Пендаровски го одби барањето за помилување на Катица Јанева, поранешен специјален обвинител. Исто така и Комисијата за помилување, којашто е помошно работно тело во Кабинетот на претседателот даде негативно мислење по барањето за помилување на Катица Јанева“, објаснија од Кабинетот на Пендаровски.

Неговата одлука ќе биде објавена во Службен весник на 19 мај, со што ќе стане официјална.

Дел од медиумите, повикувајќи се на извори од Комисијата за помилување, денеска објавија дека Јанева се наоѓа на списокот на осуденици кои ја чекаат одлуката на Пендаровски за помилување.

Јанева побарала помилување како примерен затвореник. Ексшефицата на Специјалното јавно обвинителство беше осудена на седумгодишна затворска казна во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, кој доби две години повеќе.

Слични содржини