Пендаровски: Очекувам владата да биде на висина на задачата, не очекуваат тешки денови

од Aleksandar Todeski

Претседателот Стево Пендаровски на вонредното обраќање до јавноста соопшти дека одлучил да ја потпише одлуката за спроведување на вонредна состојба со цел државата полесно да се справи со коронавирусот.

„Владата ќе може да носи уредби со законска сила, со цел да воведе поголеми органичувања во движењето на луѓето и да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата која влегува во кризен период. Епидемијата значително ги оптовари ресурсите на државата. Штетите за фирмите кои не работат се огромни, па тука владата мора да обезбеди значителна помош и поддршка. Не очекуваат тешки денови, но немам никакви дилеми во исправноста на одлуките кои ги носам. Очекувам дека владата ќе биде на висина на задачата. Со оглед на зголемените овластувања, очекувам Владата и сите инволвирани иституции, дневно да информираат за сите активности, како и за ажурираните планови за своето постапување во иднина“, истакна претседателот Пендаровски.

Тој нагласи дека лидерите и на партиите на власт и на партиите опозиција дале поддршка за прогласувањето на вонредна состојба. Посочи и дека владата продолжува како техничка, што е можност на дело да се покаже дека сите партии ќе работат за доброто на државата.

„Во оваа состојба ќе се одложат и изборите, а тие ќе бидат закажани откако ќе помине состојбата. Сите калкулации треба да ги оставиме на страна и да се грижиме за најважното, заштитатата на животот на нашите граѓани. Во деновите пред нас бидете дисциплинирани и одговорни пред себе си, пред своите најблиски, особено помагајте им на повозрасните граѓани и граѓаните со хорнични заболувања. Не излегувајте без потреба. Почитувајте ги препораките на надлежните и останете дома“, рече Пендаровски.

Претседателот порача граѓаните кои се надвор од земјата да останат каде што се, но доколку одлучат да се вратат, задолжително да ги почитуваат препораките на владата.

„Имам порака до граѓаните кои се надвор од земјата, најпаметно е да останете каде што се. Доколку решите да дојдете дома, добредојдени сте, но притоа треба да ги почитувате сите мерки, што би значело да останете во карантин. Апелирам до сите граѓани на нашата една и заедничка татковина, да бидеме смирени, одговорни и солидарни еден кон друг. Ако сме заедно и си помагаме, сигурно ќе ја пребродиме оваа тешка ситуација како многу пати до сега“, додаде Пендаровски.

Слични содржини