Пендаровски со честитка за Денот на албанската азбука: Соживотот е плод на довербата

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Северна Македонија.

-На овој празник се потсетуваме на еден од најважните моменти од развојот на албанскиот јазик и култура. Свесни дека, според зборовите на Ѓерѓ Фишта, се собрани за да ја изберат азбуката, којашто ќе биде најполезна за образовно и културно издигнување на народот, делегатите на Битолскиот конгрес во 1908 година донеле историски одлуки за унифицирање на албанската азбука. Со тоа, тие го отворија патот за натамошен образовен и културен развој на албанскиот народ и го отклучија творечкиот потенцијал на генерации автори кои ќе создаваат вредни книжевни дела, вели Пендаровски во честитката.

Според него, чествувајќи го овој празник ја потврдуваме посветеноста на Република Северна Македонија кон негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество.

-Соживотот е плод на довербата која, пак, фаќа корен тогаш кога луѓето го почитуваат и поддржуваат идентитетот на другиот. Ваквата доверба е неопходна за поуспешно да се справуваме со нашите заеднички предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите македонски граѓани, стои во честитката на Пендаровски.

Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908. година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место. За претседател на Конгресот бил избран Мидхад Фрашери, а потпреседатели биле Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра, Парашќеви Киријази, била единствената жена на конгресот. Киријази го објавиле и првиот буквар со унифицирана азбука за потребите на училиштата. Азбуката прифатена на Битолскиот конгрес денеска се користи секаде каде што живее албанско население.

Слични содржини