Пендаровски: Власите се длабоко вткаени во нашето мултикултурно и мултиетничко општество

од Nikola Popovski

Дозволете да ви го честитам 23 Mај, Националниот ден на Власите и да ви посакам празникот да го поминете, пред сè, во добро здравје, исполнет со радост и со среќа, стои во честитката на претседателот Стево Пендаровски.

Според него, токму на овој ден, пред 116 години, Власите за првпат во тогашното Отоманско Царство беа признати како народ и добија можност за образование и за богослужба на својот мајчин јазик.

„Негувањето на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет е континуиран процес кој никогаш не завршува. Се гордееме што карактеристиките, традицијата и обичаите на Власите се длабоко вткаени во нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Република Северна Македонија и понатаму ревносно, како и за сите етнички заедници, ќе ја афирмира и промовира влашката историја и култура.

Секој наш граѓанин, како впрочем и секој човек насекаде низ светот, повеќе од една година се соочува со опасноста од Ковид-19, стравувајќи за својот и за животот и здравјето на своите најблиски. Со почетокот на масовната имунизација во нашата земја конечно се наѕира крајот на пандемијата. Да продолжиме да бидеме одговорни и дисциплинирани, солидарни и посветени, и што поскоро да се вратиме на нормалното секојдневие.

Нека ни е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите“, се вели во честитката на претседателот.

Слични содржини