Пензионерите бараат усогласувањето на пензиите да се врши во јануари наместо во март

од Vladimir Zorba

Пензионерите стравуваат дека инфлацијата и секојдневните поскапувања ќе ги „поткопаат“ сите придобивки од најавеното зголемување на пензиите кои согласно формулата за усогласување на висината  треба да се реализира во март и во септември. Зоран Петковски, поранешен библиотекар немоќно слегнува со рамениците во обид да даде одговор на дилемите околу очекувањата во однос на покачувањето. “

„Сега добива пензија во износ од 14.200, а во март ќе има покачување од 1.000 денари. Со мојата пензија едвај успевам да го протуркам месецот. Сличен износ има и мојата сопруга, па заедно можеме само да ги платиме сметките и да обезбедиме храна. Покачувањето е добредојдено, но мислам дека едвај ќе го почувствуваме, особено ако продолжи трендот на зголемување на цените“, изјави Петковски за Локално.

Пресметките покажуваат дека категоријата на пензионери во коишто спаѓа Петковски, а која е и најбројна во државата, со мартовското зголечување ќе добијат покачување од 1.000 денари. Според пресметките кои за „Локално“, ги направи експертот за трето доба Драги Аргировски, за 700 денари ќе биде зголемена сметката на пезионерите кои имаат до 10.200 денари. Пензионерите кои имаат примања до 20.000 денари ќе добијат плус 1.400 денари, а оние до 25.000 денари ќе се „офајдат“ за 1.750 денари. Категоријата пенизонери со примања до 30.000 денари, велат анализите на Аргировски,  ќе имаат покачување од 2.100 денари, а на оние со примања до 35.000 денари ќе им легнат плус 2.400 денари. Зголемувањето на примањата на пензионерите до 40.000 денари ќе изнесува 2.800 денари. Оние со пензија од 45.000 денари ќе имаат покачување од 3.100 денари, а пензионерите со примања од над 65.000 денари ќе се „офајдат“ за 4.550 денари.

Како особен проблем Аргировски го посочува фактот што усогласувањето на пензиите ќе се врши во март и во септември. Како многу попродуктивно, и пред се поправедно го наведува принципот во голем број земји во Европа според кој усогласувањето  се врши во  јануари и во јули.

„На овој начин, пензионерите се ускратени од услогласување на пензиите за дури четири месеци. Така на пример, пензионерите со пензија до 10.200 ќе изгубат 2.800 денари за 4 месеци. За 4.000 денари ќе бидат “оштетени’’ оние со примања до 15.000 денари, а за 5.600 пензионерите со 20.000 денари. Лицата кои добиваат пензија до 25.000 денари ќе бидат “во загуба ’’ од  7.000 денари, а 8.400 ќе имаат помалку оние со примања до 30.000 денари. Пензионерите со пензија до 35.000 денари за четири месеци ќе изгубат 9.600 денари, на оние со пензија од 40.000 денари сметката ќе им биде пониска за 11.000 денари, а лицата со примања во износ од 4.500 денари ќе бидат „оштетени“за 12.400. Пензионерите со највисока пензија од над 65.000 денари за 4 месеци ќе изгубат 18.000 денари“, вели Аргировски.

Посочува дека инфлацијата и поскапувањата ги чувствуваат сите, односно не само оние со поголеми пензии, туку и оние со најниски. Оттука како што вели тој, овие пресметки не одат во прилог на излегувањето во пресрет на категоријата пензионери кои и онака едвај врзуваат крај со крај.

„Многу поправедно ќе беше доколку оние кои имаат до 15.000 денари добиеа зголемување од 3.000 денари, пензионерите со примања до 20.000 денари требаше да имаат зголемување од 2.000 денари, а  останатите со повисоки пензии требаше  да добијат  сума од 1.000 денари“, вели Аргировски.

Остар во критиките е и во однос на најавената директна финансиска помош за пензионерите со ниски примања  во износ од 3.000 – 6.000 ден. Мерката како што вели, ги опфаќа само пензионерите коишто имаат примања до 14.000 денари, па оттука како дилема го поставува прашањето како да преживеат сите останати чии пензии се до 20.000 денари?

„Од 330.000 пензионери дури 230.000 имаат пензија до 15.000 денари. Порастот на животните трошоци ги погоди сите. Без пензија од барем 20.000 до 30.000 денари не кожете ни да размислувате дали ќе преживеете“, категоричен е Аргировски.

Според Владата, новата методологија за усогласување со трошоците за живот и просечната плата ќе овозможи континуиран раст на пензиите и ќе обезбеди нивна достоинствена старост. Со буџетот за 2023 година, за трансфери кон ПИОМ се планирани 499 милиони евра со што треба да се овозможи достапност на социјалните услуги.

К.В.С.

Слични содржини