Пецаков дојде на власт и заборави на ветувањата: Исечен децениски стар дрворед во Охрид (ФОТО)

од Vladimir Zorba

Кирил Пецаков, Градоначалникот на Општина Охрид, во своите изборни ветувања истакна дека „не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон“ и дека ќе се направат „нови паркови, нови велосипедски патеки, пристапни влезови, зелен и хуман град“. Најави и „зголемување на зеленилото и зелените појаси, подигнување на еколошката свест“. Но, првичните дела, откако дојде на позиција, го покажуваат спротивното. Децениски дрворед, 76 стебла се корнат за да се спроведе некаков нов проект, реконструкција на улицата „Македонски просветители“, сподели ОХРИД СОС.

„Додека раководството на Париз најавува дека Елисејските полиња ќе станат велосипедска и пешачка зона, кај нас, во еден мал град, сè уште се форсираат автоцентрични решенија. Заменикот градоначалник на Париз е Македонец. Наместо да се адаптира и новиот проект кон постоечкиот дрворед, како што се прави во многу градови во светот, овде безмилосно се корнат белите дробови на градот. Но, некој ќе рече, ќе се посадат нови садници. Да, но додека ја достигнат полната зрелост и капацитет на овие, ќе поминат децении. Зошто мора постојано да се сече, наместо да се бараат поинакви солуции? “, прашуваат оттаму.

Пецаков, кој како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ победи во вториот изборен круг, најави и враќање на објектите на плажите во Охрид. Оцени дека уривањето било грешка и дека догодина повторно ќе има објекти на плажи, но со дозволи, нешто што, според него, не го средила претходната власт.

Објектите меѓу кои шанкови, но и потпорни ѕидчиња до самата езерска вода, беа урнати од претходната локална власт во рамките на активностите посочени од УНЕСКО за да остане статусот и заштитата на градот Охрид како светско наследство.

Слични содржини