Почеток на преговорите со Скопје и Тирана се клучни за кредибилитетот на ЕУ, порача Борел

од Nikola Popovski

Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, утрово се сретна со неговиот македонски колега, Бујар Османи. Борел на прес конференцијата денеска повтори дека почеток на преговорите со Скопје и Тирана се клучни за кредибилитетот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Сакаме првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија да се одржи што е можно поскоро, со надеж дека тоа ќе биде за време на ова претседателство на ЕУ, до крајот на оваа година затоа што ако не го сториме тоа ќе има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ во целиот регион, изјави Борел во својот воведен говор по министерскиот состанок за надворешни работи на ЕУ денеска.

Во анализата на Борел се наведува дека ЕУ „покажа силен ангажман во однос на Западен Балкан“ со самитот на Брдо кај Крањ во Словенија и други состаноци на високо ниво, со политичка, финансиска и техничка поддршка.

Се додава, сепак, дека овие напори биле „засенети од широкото разочарување на партнерите од Западен Балкан кога станува збор за процесот на проширување“, и дека „јавната поддршка за интеграцијата во ЕУ опаѓа како што се зајакнуваат националистичките пораки и политиките за идентитет“.

Слични содржини