Политички препукувања во Грција за документот од Викиликс за името

од desk4

   Документ од Викиликс, од американската амбасада во Скопје со датум 29 јули 2008 објавен во грчкиот весник „Прото тема“ во кој тогашната амбасадорка на САД во Македонија Џилијан Миловановиќ објаснува кои позиции би биле прифатливи за македонската страна, се причина за препукувања меѓу лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

Северна Македонија за името, македонски за јазикот и идентитетот биле, според документот, позициите на македонската страна во јули 2008.

Кој што барал и прифаќал пред 10 години и што е постигнато со Договорот од Преспа се главните теми во соопштенијата од Кирјакос Мицотакис и Никос Коѕијас, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на Нова демократија ја обвини актуелната грчка Влада дека „ги задоволила долгогодишните барања на Скопје“, а шефот на грчката дипломатија коментира дека Груевски се преправал дека сака решение.

– Она што денеска беше откриено од Викиликс дека Скопје уште од 2008 бараше земјата да се

нарече „Северна Македонија“, а жителите „Македонци“ кои говорат наводно „македонски“ јазик, го потврдува на најтрагичен начин, она што го истакнувам сите овие месеци. Дека господата Ципрас, Каменос и Коѕијас сакаа да го покажат, наводно како нивен успех мошне штетниот договор за Грција, бидејќи го задоволија сето она што со години го бараше Скопје, а го отфрлаа сите претходни влади, соопштува Кирјакос Мицотакис и уште еднаш повторува дека Нова демократија нема да го ратификува договорот.

На претседателот на најголемата грчка опозициска партија, експресно, преку соопштение му одговори министерот за надворешни работи на Грција, Коѕијас.

– Познато е дека господниот Груевски не сакаше никакво решение во прашањето за името. За да го прелаже меѓународниот фактор се преправаше дека неопходно прифаќа компромис. Никој не му веруваше. Освен, Мицотакис, кој отпосле поверува. Оваа претстава на Груевски ја наградува Нова демократија, со денешното соопштение, вели Никос Коѕијас.

Викиликс објави документ од САД: Груевски се согласи да го смени името во 2008 година

 

„Прото тема“, кој следи антивладина политика, а доста често директно или индиректно се поставува против Договорот од Преспа, го објави доверливиот документ од Викиликс, во текстот под наслов „Веќе 10 години Скопјаните сакаа Северна Македонија, јазик и националност“ и коментар дека „Владата на Ципрас и го отстапи на ПЈРМ, сето она што го сакаа Скопјаните за јазикот, идентитетот и името на земјата како што се открива во документот од американската амбасада во Скопје со датум 29 јули 2008“.

Слични содржини