Помалите партии условуваат, албанските даваат поддршка на францускиот предлог

од Берта Китинска

Премиерот Ковачевски до доцна синоќа бил на консултации со малите политички партии во врска со францускиот предлог.

На средбата ДОМ, ДС и ЛДП побарале сите документи, вклучувајќи го и протоколот да бидат преведени на македонски јазик и објавени и достапни за целата јавност.

Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во изјава за „Локално“, вели дека за нејзината партија е неприфатлива ваквата верзија на предлогот и дека се зависи од содржината на билатералниот протокол.

-Билатералните прашања со Бугарија не треба да бидат дел од преговарчкиот процес.Особено оној дел од протоколот каде се споменуваат историските и прашањата поврзани за образованието. Ако е тоа дел од преговарачкиот процес тоа дефинитивно ќе не вовлече во една агонија на разговори наместо на владеење на правото, борбата против корупција, човековите права и итн.Да разговараме за историја тоа не е суштина на процесот на преговорите, појаснува пратеничката.

Во врска со македонскиот јазик пратеничката вели дека на средбата со премиерот било посочено дека тој е чист и дека тој ќе се користи без никакви дообјаснувања.

-Она што ни беше кажано е дека тој е чист и дека во рамките на ЕУ ќе се користи треминот македонски јазик без никакви други објаснувања, кажа Морачанин.

Таа посочи дека модифицираниот француски предлог било побарано да биде ставен на пленарна седница и за него да расправаат пратениците и да бидат изгласани заклучоци.

-Наш предлог е Владата самата да не ја носи одлуката, туку тоа да му го препушти на Собранието на Македонија и пратениците да можат да дискутираат и да предложат заклучоци, вели Морачанин.

Од Демократски сојуз велат дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик под никакви услови да не се оспоруваат и загрозуваат, а историските и образовните прашања, како и говорот на омраза и отворањето на досиејата за прогонувани лица од комунистичкиот режим, да биде на реципрочна основа.

-Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија. Посебно нагласуваме дека не смеат да се прифатат разговори за македонските револуционери кои се во кодот на секој Македонец, како што се Гоце Делчев, Јане Сандански, Дамјан Груев и други револуционери. Да се прекинат било какви дискусии за заедничко славење на македонските национални празници, Илинден, велат од партијата на Трајанов.

Мицкоски вели „НЕ“

По лидерската средба која ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хриситија Мицкоски отстапи од „не“, ниту премиерот Димитар Ковачевски од „да“ за францускиот предлог.

-Понудивме да се одбие ова кое е доставено како предлог, а ние да се повлечеме од барање за предвремени парламентарни избори.Побаравме да бидат избришани членовите 11 и 14.Членот 11 од записникот детерминира дека нема да бидат започнати преговори се додека не го промени Уставот, а членот 14 се повикува на протоколот кој е дел од втората меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија, во кој се наоѓаат историските прашања, образованите и културни прашања, промената на учебниците, кажа Мицкоски по средбата.

Албанските партии го поддржуваат предлогот

За опозициските Алијанса за Албанците и БЕАСА францускиот предлог е прифатлив.

Лидерот на партијата Зијадин Села денеска имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски, по која изјави дека единствен пат за Македонија треба да биде Европската унија и партиите не треба да размислуваат за добивање политички поени туку за мирен регион.

Движењето БЕСА уште еднаш потврдуваат дека ќе го прифатиме секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и дека истиот нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата, соопштија од Беса.

Оттаму истакнуваат дека тие будно ја следат актуелната политичка состојба во земјава, особено во насока на деблокирање на евроинтегративниот процес на земјата по францускиот предлог и нагласуваат дека интеграцијата на земјата во Европската Унија е единствената опција без друга алтернатива за иднината на Северна Македонија.

Двете партии посочија при евентуалната промена на Уставот ќе имаат и свои барања за внесување на нови етнички елементи во него, а веројатно со некој таков став ќе излезе и ДУИ.

Од Алтернатива пред неколку дена информираа дека предлогот е добра вест.

-Нашиот претседател Африм Гаши беше на состанокот повикан од премиерот, во кој тој ги информирал владините партнери со новиот предлог.Начелно, предлогот е добра вест за продолжување на обидите за отварање на преговорите, но конечниот став ќе биде заземен во органите на Алтернатива и потоа ќе ја информираме јавноста, изјавија пред неколку дена од Алтернатива за „Локално“.

Партијата на Ахмети први ја поздравија конструктивната улога на француското претседателство за изнаоѓање прифатливо решение за спорот на нашата земја со соседна Бугарија и цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за завршување на спорот и за одблокирање на нашиот европски пат.

-Нашата земја е пред историска одлука, онаа на отворање на преговорите со Европската унија и затворање на сите спорни прашања со соседите, затоа цениме дека ваквите шанси за компромис кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот, соопштија од ДУИ.

Б.М.

Слични содржини