Помилување нема да има за никого оваа Нова Година, одлучи правда

од Берта Китинска

Mинистерот за правда Бојан Маричиќ извести дека се поништува постапката за помилувања за Нова Година.

-По консултација со Управата за извршување на санкциите, Министерството за правда одлучи оваа година да не проследи предлог за новогодишни групни помилувања, односно листата целосно се поништува.Ова се прави со цел да се даде време најнапред да се допрецизираат критериумите и законски да се зајакнат филтрите во однос на тоа како се составуваат листите со предлози на лица кој треба да бидат помилувани.Во Министерството за правда постои работна група која работи на составување на нов предлог-закон за помилување, со кој ќе се зацврснат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван. Со тоа сметаме дека ќе се минимизираат шансите на овие листи во иднина да се најдат лица кои во јавноста предизвикуваат сомнеж за нормалното функционирање на правниот систем, информираше Маричиќ.

Претседателот Стево Пендаровски изјави дека помилувања во принцип мора да има затоа што секогаш има барања. Според него, теоретски кажано, може да се добијат 30 или 50 предлози, а да не се прифати ниту еден. Во текот на гоидната, како што наведе, има 5 до 6 помилувања, а две се задолжителни по повод Нова година и 2 Август. Тој додаде дека помилувањата ги предлагаат Управите на затворите до Министерството за правда, од каде се препраќаат кон постојаната Комисија во Кабинетот на Претседателот, од каде потоа одат кај Претседателот.

-Сосема е независно какви се претходните одлуки на Управата на затворот, што предлагаат тие… Независно што предлага Министерството за правда и независно што предлага мојата комисија во Кабинетот – јас можам да одлучам како сакам. Можам да прифатам, а можам и да одбијам, изјави денеска Пендаровски.

Листата претходно беше повлечена по реакциите во јавноста за некои од имињата предложени за помилување. Меѓу имињата на листата, како што објавија дел од медиумите, беа бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово.

Слични содржини