Поранешен член на руската ФСБ на чело на окупираната украинска област Херсон

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот функционер Сергеј Јелисејев, кој доаѓа од моќната безбедносна служба (ФСБ), денеска го презеде управувањето со украинската област Херсон, која беше окупирана од Москва.

Јелисејев, досегашен помошник-шеф на владата на северозападната руска област Калининград, стана шеф на владата на Херсонската област, објави синоќа преку Телеграм Владимир Салдо, кој ја предводи руската окупациска администрација.

Неговата влада, според соопштението, денеска стапи на должност.

Педесет и едногодишниот Јелисејев, дипломиран на Академијата на ФСБ, работел во службата за безбедност на неодредени позиции, се наведува на веб-страницата на регионот Калининград.

Поранешниот украински пратеник кој премина на страна на Москва и преживеа обид за атентат на крајот на јуни, Алексеј Ковалев беше назначен за помошник на Јелисејев за земјоделски прашања.

„Русија е тука засекогаш“, изјави тој.

Од преземањето на Херсон, Москва спроведе политика на русификација на областа, рубљата беше воведена како валута, беа издадени руски пасоши, првата руска банка беше отворена на крајот на јуни, критичките гласови се задушени и економската активност е во голема мера под контролата на окупациската администрација, наведува агенцијата „Франс прес“.

Во исто време, во последните недели беа извршени неколку атентати врз претставници на Кремљ во окупираните зони, како оној на Алексеј Ковалев. Украинските сили тргнаа во офанзива во областа Херсон и повратија одредена територија од Русите, додава „Франс прес“.

Слични содржини