Поранешниот косовски МНР: Курти се обидува да создаде мали „додиковци“ во Македонија

од Nikola Popovski

Поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Петрит Селими порачал дека косовскиот премиер Албин Курти се обидува да создаде „свои мали политичари како Додик“ во Македонија.

„Северна Македонија го избра првиот албански премиер пред неколку недели. Апсолутно историски настан на многу начини, но впечатокот што го добивате кога ја слушате владата на Косово е згрозеност и незадоволство. Курти има своја игра, се обидува да создаде свои мали политичари како Додик во Македонија“, напишал тој на социјалната мрежа „Х“.

На критиките на еден корисник на социјалната мрежа, кој му напишал дека е крајно несоодветно да се споредува Курти со Додик, Селими одговорил дека погрешно го разбрал неговиот твит.

„Не го нареков Додик. Реков дека се меша во Македонија, создавајќи повеќемина како Додик, создавајќи свои политички слуги кои ќе му служат. И тоа во соседна земја, што е сосема непотребно и опасно“, изјавил поранешниот шеф на косовската дипломатија.

Општо познато е дека косовскиот премиер е во блиски односи со здружената албанска опозиција во земјава, составена од партиите БЕСА, Алтернатива и Демократско движење. Неговата партија Самоопределување ќе биде дел од изборниот процес во земјава. Движењето е претставено како четврти столб во опозициската коалиција. Досега, оваа партија не е регистрирана во земјава.

Слични содржини