Постојат шест критериуми за да се најдеш на Шангајската листа: „Државата треба да направи стратегија, Законот за високо образование ги спушти критериумите за избор во повисоко звање“

од Nikola Popovski

На академското рангирање на најдобрите универзитети во светот, познато како Шангајска листа, повторно нема ниту една високообразовна институција од земјава, што претставува трета година по ред. Покрај македонските, на Шангајската листа на 1000 најдобри високообразовни институции, ниту годинава не се рангираа универзитети од Бугарија и Албанија. Шангајската листа се смета за една од најрелевантните и се објавува од 2003 година. Оваа година биле анализирани над 2 500 институции, а конечната листа ги претставува најдобрите 1 000 универзитети во светот врз основа на транспарентна методологија и објективни податоци.

Според македонистката и професорка од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елка Јачева-Улчар, постојат шест критериуми врз кои почива Шангајската листа: број на добитници на Нобелова награда и Филдсов медал меѓу поранешните студенти (10%), Нобелова награда и Филдсов медал во персоналот на универзитетот (20%), високо цитирани истражувачи во 21 категорија (20%), трудови објавени во списанија и (20%), Индекс на научни цитати и Индекс на цитати од општествени науки (20%) и придонес по глава на академци (од наведените индикатори) на институцијата (10%). Во разговор за „Локално“ истакнува дека иако се први наведени, на „нобеловците“ и на „филдсовците“  отпаѓаат  вкупно 30% од критериумите коишто тешко би можеле да ги освоиме во догледно време, но останатите 70% се полесно остварливи под определени услови за кои ќе стане збор подолу.

Ако направиме споредба на местото на нашите универзитети на Шангајската листа низ учебните години, лесно можеме да заклучиме дека во македонските високообразовни и научни институции, во текот на изминатиот период опаѓал квалитетот на научноистражувачката работа. Според моето мислење, ова се должи на неколку фактори. На прво место го ставам непостоењето на некаква развиена стратегија за научноистражувачка работа во нашата држава. По ова следува, многу слабото финансирање, односно издвојување на минимален процент во Буџетот на државата за  оваа дејност. Само за споредба, до лани Министерството за образование и наука повеќе од 10 години не распишуваше конкурс за финансирање научноистражувачки проекти коишто би се работеле на факултетите и научните институти во Македонија. Тука, се разбира, е и Законот за високото образование, кој беше донесен од актуелната власт и кој многу ги спушти критериумите за избор во повисоко звање наспроти претходниот кој имаше поставено високи критериуми, во смисла на вреднување на трудови само со фактор на влијание, но без создавање услови, пред сè, финансиски,  за спроведување на квалитетни научни истражувања, чиј продукт би биле таквите трудови, ни вели професорката.

Проф. Јачева – Улчар

На крајот, додава Улчар, кон ваквата лоша состојба во високото образование придонесе и неповолната кадровска политика која се јави како последица од: непостоењето стратегија за систематско подмладување на научниот кадар; внесувањето на политичката припадност како критериум за вработување наспроти квалитетот; создавањето голем дефицит на кадар поради заминување во пензија на професори што од објективни причини, најчесто поради невработување подмладок, не создале свој наследник што придонесе кон тоа функционирањето на голем број катедри на одделни  факултети, – особено, на најстариот македонски универзитет – да биде доведено во прашање.

За тоа како да се подобри ситуацијата, професорката е децидна дека најпрво државата треба да направи стратегија – кои научни области или полиња сериозно финансиски ќе ги поддржи.

Според мене, треба да се вратат старите критериуми и по углед на европските високообразовни практики во највисокото звање да бидат избирани само оние што ги задоволуваат овие високи критериуми, додека останатите до пензионирањето да ја продолжат својата работа во она звање коешто одговара соодветно на нивните залагања и способности. Како трето, треба да се води систематска кадровска политика, без да се чека, некогаш и по повеќе години,  некое место да се пополни со пензионирањето на некој професор; ова дотолку повеќе што научен кадар не се создава преку ноќ или за година-две. Тоа е долг повеќегодишен процес при што како главен критериум треба да бидат земани  предвид квалитетот и вештините на кандидатот, а не некои споредни нешта кои најчесто немаат никаква врска ни со науката, ни со образованието. Конечно, треба да се угледаме, ако не подалеку, на до нас најблискиот универзитет во регионов, Белградскиот, за кого гледаме дека секоја учебна година се искачува сè погоре на Шангајската листа. Сметам дека условно нареченото „купување“ од нивните позитивни практики може да ни биде од полза, што, се разбира, не значи во никаков случај помалку работа и помал ангажман за нас, како професори, научници и држава, посочува Јачева-Улчар.

Професорката ни одговори и на прашањето каде заглавува образованието, особено високото. Смета дека се должи на лошата политика, на немањето стратегија, на нефинансирањето во науката и во високообразовната дејност…, како и во мешањето на дневната политика и нестручноста  при креирањето на наставните програми во основното и во средното образование.

Оценува дека во високото образование, главен проблем е немањето никаква финансиска поддршка од ресорното министерство за високообразовната дејност.

Оваа дејност, исто како и научната, бара финансиски средства неопходни за квалитетно изведување на наставата, пред сè, на практичната, особено во биомедицинските, биотехничките и техничките области (разновиден лабораториски прибор и опрема, нагледни средства…). Ваквата ставка, воопшто, не е предвидена во буџетот на Министерството за образование и наука. Исто така, соработката со реномирани странски универзитети од странство е мошне лимитирана, бидејќи е сведена на визитинг-наставници, кои според Законот за високото образование можат да изведат настава по одредени наставни единици од студиската програма, но тие не претставуваат нејзин дел. Затоа, можеби, ќе биде потребно Законот да овозможи, при акредитирањето на студиските програми, во нив да можат да бидат вклучени и наставници од вакви странски универзитети, со што сметам дека во голема мера не само што ќе се зголеми квалитетот на наставниот процес, туку и ќе се овозможи качување по нагорна линија и „одлепување“ од дното на Шангајската листа, заклучува македонистката.

Н.П.

Слични содржини