Пратениците во обид да ја спасат државата од тужба од вработените во СЈО

од Aleksandar Todeski

Група пратеници до Собранието испратиле предлог за измени во Законот за јавнообвинителската служба, кои ќе се најдат на пленарната седница во среда. Измените кои се предлагаат се во насока за исплата на платите на вработените, истражителите, но и за исплата на веќе заостанатите сметки на Специјалното јавно обвинителство да може да ги менаџира државниот обвинител Љубомир Јовески, бидејќи од средината на септември таму нема потписник кој би можел да ги стори сите овие работи.

Пратеници и од власта и од опозицијата за Локално брифираат дека има волја овие измени да поминат веднаш, со цел вработените чии договори со СЈО истекуваат во септември идната година, кога и официјално престанува да постои обвинителството кое го водеше Катица Јанева, сега второобвинета во случајот „Рекет“.

Откако Јанева беше разрешена, а сите обвинители од СЈО се вратија во редовите на ОЈО, во обвинителството нема кој да ги потпише платите на вработените, како и за плаќање на сметките кои се собираат за СЈО. Деновиве им се заканува и исклучување на електричната енергија доколку не се донесат овие измени, со што тие ќе останат целосно парализирани.

Инаку вработените овие измени беа најавени уште минатиот месец, кога вработените во СЈО најавија тужба за државата поради неисплатените плати. Тие беа „заробени во СЈО“, бидејќи без потписник не можат ниту да си заминат од таму, затоа што нема кој да ги одјави.

Иако сите овие работи ќе беа средени со носење на Законот за јавно обвинителство, власта и опозицијата не постигнаа договор за законските измени, по што се случи овој проблем. Власта на опозицијата и понуди токму тие да го бираат обвинителот кој би застанал на чело на новото обвинителство за висока корупција, но од опозицијата велат дека не биле исполнети сите нивни барања.

Во меѓувреме, нема решение за целосно раководење со Специјалното јавно обвинителство, па така, доколку ревизорите повторно отидат во седиштето на Рузвелтова, ќе наидат на истиот проблем – нема да има кој да потпише за тие да ги добијат бараните документи.

Александар Тодески

Слични содржини