Пропалестински протест во Лондон

од Radmila Tasevska

Илјадници пропалестински демонстранти почнаа да се собираат во Лондон на протест на кој бараат прекин на израелските напади врз Газа, јави Би-Би-Си.

Минатиот викенд 100.000 луѓе излегоа на улиците на главниот британски град барајќи прекин на бомбардирањето во Газа, а полицијата повторно очекува слични бројки.

Се очекуваат собири во многу градови во Велика Британија, вклучувајќи ги Манчестер и Глазгов.

Толпа луѓе попладнево почнаа да се собираат во близина на мостот Златен јубилеј, држејќи транспаренти „Газа, запрете го масакрот“ и „Ослободете ја Палестина, ставете крај на израелската окупација“.

Со аудио систем се наведуваат луѓето да скандираат „Престанете да го вооружувате Израел“, „Сите сме Палестинци“ заедно со слоганот „Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“.

Министерката за внатрешни работи Суела Браверман претходно ги повика полициските началници да размислат за толкување на скандирањето „од реката до морето“ како „израз на насилна желба Израел да биде избришан од светот“.

Големи толпи се очекува да се соберат околу Ембанкмент, Вајтхол, Странд, Вестминстер и мостот Ватерло, соопшти Метрополитен полицијата.

Безбедносните сили соопштија дека се распоредени повеќе од 1.000 полицајци.

Слични содржини