Путин: На Русија ѝ се заканува втор бран на коронавирусот во есен

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Министерството за здравство на таа земја мора да се подготви за вториот бран на коронавирус, што може да се случи во октомври или ноември оваа година.


Тој ја поддржа иницијативата за почеток на подготовките за повторно отворање на здравствените установи, кога ќе заврши пандемијата, пренесува ТАСС.

„Би сакал да го привлечам вниманието на нашите колеги, пред сè, министерот за здравство Михаил Мурашка, на потребата да се подготвиме за олеснување на ограничувањата според кои живееме. Треба да размислиме за вториот бран, кој, според експертите, би можел да се случи во есен, во октомври или ноември“, рече Путин за време на онлајн состанокот за ситуацијата во врска со коронавирусот во земјата.

Путин оцени дека ситуацијата во врска со ширењето на коронавирусот во Русија генерално се стабилизира.

Тој додаде дека во Москва, која прва се соочила со епидемијата, а и во другите руски региони, бројот на пријавени случаи на дневна основа постепено се намалува.

Сепак, како што истакна, „досега оваа динамика не е толку брза како што би сакале да биде, понекогаш дури и нестабилна, но сепак е присутна“.

Како пример, тој изјави дека пред една недела стапката на пораст на бројот на случаи низ Русија изнесува 5,9 проценти, а сега е 3,5 проценти.

„Во меѓувреме, клучно е ваквиот пад да се случи како резултат на постојаното зголемување на количината на тестови, што овозможува да се открие болеста во рана фаза“, рече Путин.

Тој потенцираше дека во изминатите две недели, бројот на извршени тестови се зголеми за скоро три милиони, односно дека се тестираат скоро 240.000 луѓе на дневна основа.

Слични содржини