Работодавачите бараат државата да го контролира увозот на работници од странство

од Vladimir Zorba
350 прегледи

На адресите на македонските компании во изминатиот период пристигнаа понуди од голем број агенции во кои нудат помош во посредување за ангажирање работници од странство. Со напомена дека овој кадар е главно од Индија, Непал, Бангладеш и од Пакистан, во понудата стои дека  услугата е бесплатна за работодавачот, а без какви било трошоци би биле и резервациите до крајот на месец март.

Ние нудиме целосна подршка на клиентот и тоа од првиот чекор на ангажирање на кандидатот, низ целиот процес, се до финалното реализирање на решението“, стои во писмата  кои  пристигнаа до македонските фирми.

Понатаму, агенциите таксативно го набројуваат видот на кадарот кој е на располагање, а како аргумент во прилог на нивната репутација го наведуваат фактот дека на ваков принцип работат  со компании од Србија уште од 2014 година.

За Маријана Перковска, претседател на текстилниот кластер, опцијата за увоз на работна сила не само што е реална, туку е и особено потребна во постоечките услови на македонскиот пазар на труд.

Маријана Перковска

Маријана Перковска

Не само текстилната индустрија, туку сите трудоинтензивни индустрии подолго време имаат проблем со работна сила. Вработувањето на нови кадри во дирекното призводство е неопходно за да можат овие индустрии да опстојат“, изјави Перковска за „Локално“.

Платите што овие работници тука би ги заработиле, како и условите за работа, според неа, нема да бидат проблематични аспекти во преговорите.

„Ние и не сме толку ниско со платите во текстилната индустрија, особено ако се стави во корелација со продуктивноста, дури имаме и високи бруто плати кои не се одржливи, не само од аспект на продуктивноста туку и заради фиксниот курс на еврото, што негативно влијае на извозниците“, вели Перковска.

Во оваа насока посочува дека порастот на сите трошоци на домашниот пазар вклучувајќи ја и работната сила, не кореспондира со остварениот извоз во евра каде цените се детерминирани од конкуренцијата во светот, каде вредноста на валутата повеќе или помалку кореспондира со тамошната домашна економија. Ова практично значи дека цените на  услугите на македонските производители на светскиот пазар се менуваат со едноцифрени проценти, додека домашните трошоци се зголемуваат со високи двоцифрени проценти.

Оттука според Перковска, како логично се наметнува прашањето  како да се обезбедат средства за покривање на овие трошоци. Опцијата преку зголемување на продуктивност според неа,  е неостварлива со оглед на расположивите ресурси со кои располагаат компаниите.

Категорична е дека во целиот процес на увоз на работна сила од странство треба да се вклучи државата, но истовремено да се направи се тоа да не се претвори во уште еден извор на корупција.

Според неа, носител на оваа идеја во делот на посредување треба да биде Агенцијата за вработување а во делот на безбедност за здравјето,  Министерство за здравство бидејќи станува збор за работници од други континенти кои можат да претставуваат  опасност по здравјето на домашната популација.

Министерство за внатрешни работи, од друга страна вели таа, ќе ја има  контролата и евиденцијата на сите работници со странско државјанство како и во однос на  почитувањето на  должината на престојот  и безбедноста во земјата.

„Како за пример ќе ја посочам Р. Албанија која за оваа цел изработува закон од 150 страни. Се отвараат низа прашања кои треба темелно да се обмислат и регулираат“, вели таа посочувајќи ги како особено важни висината на придонесите,  времетраењето на престојот, но и промената во законот за работни односи во делот на работно време, бидејќи како што тврди, со осум часовно работно време не може да се привлече работна сила.

Во однос на коментарите  дека првичните трошоци за носење работник од третиот свет во старт чини околу 1500 евра, Перковска одговара дека  на сето ова треба да се гледа како инвестиција на државата за спас на индустриското производство.

К.В.С.

Слични содржини