Радман: „Хрватска ќе се спротистави на илегалната миграција“

од Vladimir Zorba

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, во средата во Будимпешта рече дека Хрватска ќе се спротистави на илегалната миграција и дека треба да се направи разлика помеѓу оние Авганистанци кои и помогнале на Европската служба за надворешна акција и авганистанските бегалци, кои се одговорност на меѓународната заедница.

„Едното е прашањето за луѓето кои помогнаа во рамките на Европската служба за надворешна акција и нашите војници во НАТО кон кои имаме одредена обврска, а другиот аспект се бегалците кои ја оптоваруваат целата меѓународна заедница“, рече хрватскиот министер по средбата со Унгарскиот колега Петер Сијартo.

Министрите за надворешни работи на Хрватска и Унгарија, меѓу другото, разговараа за кризата во Авганистан и миграцијата.

„Се разбира, пред се, во наш интерес е бегалците да бидат распоредени во соседните земји во Авганистан, каде што може да се обезбедат нивните човекови права и безбедност“, рече Грлиќ Радман.

„Она што е сигурно е дека Хрватска ќе се спротистави на илегалната миграција. Не сакаме да се повтори 2015 година“, рече хрватскиот министер.

Прашањето за бегалците „мора да се дефинира на општо ниво бидејќи тоа е одговорност на меѓународната заедница“, додаде Грлиќ Радман.

Европската служба за надворешна акција ги повика членките на ЕУ да прифатат персонал на ЕУ од Авганистан, околу 500 локални жители, претежно преведувачи, логистичари и нивните семејства.

Хрватска ќе прими 20 луѓе, а Унгарија засега нема.

Слични содржини