Родилката од Куманово позитивна на Ковид-19 е префрлена на Инфективна клиника

од Берта Китинска

Од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје  истакнуваат дека на 30 март кај нив е примена второротка од Куманово на возраст од 27 години која во 20:15 часот поради намалена плодова вода и знаци за фетално страдание е породена со царски рез.

Пациентката е спроведена и породена во изолација, заради фактот што таа како суспектна на Ковид-19 и упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода e најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар. На пациентката освен комплетната лабораторија, земен и е и брис за Ковид-19, чиј што резултат е стигнат вчера попладне во 18 часот и истиот е позитивен на вирусот. Пациентката роди живо машко новороденче кое е недоносено и во моментов се наоѓа на одделот за интезнивна нега и терапија на ГАК. Новороденчето е изолирано и е во добра општа состојба, не е на респиратоrна машина туку само е со кислородна хауба. Денеска на бебето ќе му биде земен брис и ќе му биде направен тест на Ковид-19, информираат од Клиниката.

Пациентката, како што посочуваат, при приемот беше без покачена температура, но во својот исказ посочи дека пред три дена имала треска и се пожалила на сува кашлица, укажа и на тоа дека член на семејството има симптоми кои може да укажуваат на инфекција со Ковид-19 и со неа е постапено според сите протоколи за прием на заразен пациент како во однос на нега и третман, така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот.

Вчера родилката почна да развива потешка клиничка слика, отежнато дишење со намалена сатурација, по што е веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Во текот на целокупниот престој на пациентката на Клиниката за гинекологија и акушерство, од приемот до исписот, со неа е постапувано според сите начела за превенција и заштита од Ковид-19, како во поглед на изолацијта на пациентката, така и во однос на преземените мерки за заштита на медицинскиот персонал и останатите пациенти. Еден дел од Клиниката функционира за родилки суспектни и позитивни на Ковид-19. За таа намена е воспоставен целосен протокол на изолација од влез, патека на движење, посебна родилна сала, бокс и тим, наведуваат од Клиниката и апелираат уште еднаш сите пациентки кои доаѓаат на Клиниката да се придржуваат кон сите насоки дадени од Министерството за здравство во однос на заштитата на сопственото здравје и здравјето на околината, но и целосно и вистинито да даваат информации при прием со цел соодветно и навремено преземање на мерките кои се однесуваат на заштитата на вашето здравје, здравјето на вашето бебе и безбедноста на здравстевниот персонал.

Слични содржини