(видео) Русија погубила воени заробеници, тврди извештај на ОН

Во осум од пријавените случаи, видеата покажуваат руски војници кои убиваат украински заробеници кои го оставиле оружјето, или кои користат украински заробеници како жив штит.

од Бети Божиноска

Русија зимава можеби егзекутирала повеќе од 30 неодамна заробени украински воени заробеници, покажуваат извештаите добиени од светската организација за човекови права на ОН, пишува „Политико“.

„Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХЦХР) верификуваше три од овие инциденти во кои руски војници егзекутирале седум украински војници hors de combat“, се вели во најновиот извештај на ОН за состојбата со човековите права во Украина објавен во вторникот.

Hors de combat (или ‘вон строј’) е француски термин штосе користи како во дипломатијата, така и во меѓународното право за означување воени лица што не се во можност да ги извршуваат своуте војнички задолженија.

Од декември 2023 година до февруари година, додека инвазивните руски сили забрзано напредуваа во Авдиивка, во регионот на Доњецк, и се обидуваа повторно да го заземат Роботин во регионот Запорожје, на социјалните мрежи беа објавени десетици видеа од егзекуции.

Во осум од пријавените случаи, видеата покажуваат руски војници кои убиваат украински заробеници кои го оставиле оружјето, или кои користат украински заробеници како жив штит.

„Од 29 февруари 2024 година, ОХЦХР доби потврдни информации за едно од видеата. Во таа снимка, нешто што изгледа како група вооружени руски војници стои 15-20 метри зад тројца украински војници кои клечат со рацете зад главите. По неколку секунди се појавува чад од оружјето на руските војници и украинските војници паѓаат на земја. Еден од вооружените војници потоа се приближува до телата и пука во еден од војниците што лежи на земја,“ се вели во извештајот.

Во текот на зимата Русија ослободи 60 украински заробеници. Еден од нив потврди за ОХЦХР дека инцидентот прикажан на видеото се случил во близина на Роботин во декември 2023 година и дека убиените војници биле од неговата единица. Во друг инцидент, тројца украински заробеници беа егзекутирани на почетокот на јануари 2024 година во Запорожје.

„Според еден сведок, двајца украински војници биле егзекутирани веднаш откако се предале. Руските војници убиле трет украински заробеник кој бил повреден од мина додека бил принуден од руските војници да врши деминирање“, се наведува во извештајот.

Ослободените заробеници, исто така, им кажаа на ОН дека руските сили ги измачувале во заробеништво.

„Во еден случај, украински воен заробеник опишал како бил заробен од руските вооружени сили во ноември 2023 година во регионот на Запорожје и бил однесен во шупата на некој приватен имот, каде што тројца руски војници го испрашувале и го измачувале за од него да извлечат информации од воена природа,“ се вели во извштајот.

Според сведоштвото на заробениот украински војник руските војници го клоцале по лицето и торзото со таква сила што му скршиле неколку ребра, го задушувале со ќеса и се заканувале дека ќе го погубат и дека ќе му го отсечат увото со нож.

Според извештајот, 39 од 60 заробеници, исто така, „откриле дека биле изложени на сексуално насилство за време на нивната интернација, вклучително и обид за силување, закани за силување и кастрација, тепање или давање електрошокови на гениталиите и повеќекратна присилна голотија, вклучително и за време на испрашувањата и на проверката за тетоважи“.

Слични содржини