Русија тестирала способност да изведе масовен одмазднички нуклеарен напад

од Vladimir Zorba

Русија ја тестираше својата способност да изведе масовен одмазднички нуклеарен напад, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на државната телевизија.

„За време на обуката имаше практично лансирање на балистички и крстосувачки ракети“, се вели во соопштението на Кремљ.

На снимката од настанот, емитуван на државната телевизија се гледа како Шојгу разговара со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Скај њуз.

„Под раководство на врховниот командант на руските вооружени сили, Владимир Путин, беше спроведена вежба за обука со сили и опрема на копнени, морски и воздушни компоненти на силите за нуклеарно одвраќање“, се вели во соопштението на Кремљ.

Во него се прецизира дека интерконтинентална балистичка ракета Јарс била истрелана од полигон на далечниот исток на Русија, подморница на нуклеарен погон лансирала балистичка ракета од Баренцовото Море, а бомбардери со долг дострел Ту-95МС тестирале воздушно лансирање крстосувачки ракети.

Тестирањето доаѓа откако двата дома на рускиот парламент едногласно го одобрија законот со кој се поништува ратификацијата на земјата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови, за кој Москва вели дека го усогласува со САД.

Русија рече дека не планира да спроведе нуклеарна проба и нема да го стори тоа освен ако САД не го направат тоа.

Слични содржини