САД: Изјавата на израелскиот министер за фрлање атомска бомба е апсолутно неприфатлива

од Stefanija Kuzmanovska

Соединетите Држави го нарекоа предлогот на израелскиот министер за фрлање атомска бомба врз Газа неприфатлив и ги повикаа сите страни во конфликтот да избегнуваат „реторика на омраза“.

„Премиерот (Бенјамин) Нетанјаху и израелската влада ги отфрлија тие зборови, кои ги сметаме за целосно неприфатливи“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател.

„Важно е сите страни во конфликтот да се воздржат од реторика со омраза што може да ги разгори тензиите“, рече тој.

Владата на премиерот Нетанјаху во неделата го суспендираше екстремно десничарскиот министер за наследство Амичај Елијаху „од сите состаноци на кабинетот“ до дополнително известување.

„Изјавите на Елијаху не се засноваат на реалноста“, објави Нетанјаху на социјалната мрежа Х и додаде дека Израел и неговата армија „постапуваат во согласност со највисоките стандарди на меѓународното право за да избегнат да им наштетат на невините“.

Во интервју за израелското радио Кол Барама, министерот Елијаху му одговори на новинарот дека „една од опциите е да се фрли некаква нуклеарна бомба“ врз Газа за да се „убијат сите“.

Израел има една од најмоќните војски на Блискиот Исток и се верува дека поседува нуклеарно оружје, иако никогаш јавно не извршил нуклеарна проба.

Елијаху подоцна се обиде да ја поправи својата изјава велејќи дека е „метафоричка“, но предизвика бес во арапските земји.

Слични содржини