Само седум земји во светот имаат чист воздух – Очекувано, Македонија е на сосема другата страна од спектарот

од Vladimir Zorba

Жителите на само седум земји во светот дишат чист воздух, се вели во новиот извештај за 2023 година изработен од компанијата IQAir. Тоа се: Маурициус (кој може да се пофали со најчист воздух меѓу земјите), Исланд, Гренада, Нов Зеланд, Австралија, Естонија и Финска.

За да може воздухот во одредена област да се дефинира како чист, неговите просечни годишни концентрации на ситни загадувачки честички PM 2,5 не смеат да ги надминуваат границите препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), кои изнесуваат 5 µg/m3.

Научниците анализираа податоци од над 30.000 мерни станици за квалитетот на воздухот лоцирани во вкупно 134 земји, територии и региони.

Најголемото загадување на воздухот, односно најголемиот „пробив“ на препораките на СЗО за повеќе од петнаесет пати е забележан во Бангладеш, каде просечната концентрација на ПМ 2,5 честичките во годината зад нас достигна дури 79,9 μg/m3.

По Бангладеш следат Пакистан (73,7 µg/m3), Индија (54,4 µg/m3), Таџикистан (49,0 µg/m3) и Буркина Фасо (46,6 µg/m3).

Сепак, приказната за разорната состојба на воздухот на планетата не застанува на наведените главни сцени.

Како што е наведено, дури 92,5% од земјите, териториите и регионите – кои се вклучени во анализата – ја надминуваат препорачаната годишна вредност на PM 2,5 честичките од 5 µg/m3.

Меѓу нив е и Македонија.

Достигнувајќи 25,2 µg/m3, нивоата на PM 2,5 честичките во нашата земја се за неколку пати повисоки од стандардите на СЗО во текот на изминатата година.

Кога фокусот е стеснет и кога се набљудува исклучиво европскиот континент, Македонија се појавува на предната страна на колоната. Што се донесува до Западен Балкан, предничи Босна и Херцеговина (27,5 µg/m3), па следат Македонија (25,2 µg/m3), Црна Гора (21,3 µg/m3) и Србија (20,5 μg/m3).

Слични содржини