СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои луѓе за работните групи да го продолжат дијалогот за уставни измени

од Nikola Popovski

СДСМ преку својата портпаролка Богданка Кузеска денеска побара од ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои претставници и работните групи да започнат со работни средби за евентуалното формирање на широката Влада, како и за гласањето на уставните измени, со што земјава ќе ги продолжи преговорите со ЕУ и отворањето на Поглавјата.

-СДСМ веќе предложи работна група од највисоки партиски претставници. Ги повикуваме во ДПМНЕ да ја прифатат подадената рака. Условите за одложена примена на уставните измени до втората меѓувладина конференција се прифатени, истакна Кузеска.

Ние, како и целокупната јавноста, додава Кузеска, очекуваме Мицкоски да остане на ставот и преземените обврски и да остане во процесот.

-Нема никаква потреба да се дообјаснуваат јавно дадените изјави на Мицкоски. Тој кажа многу работи пред средбата, а сосема различни работи на средбата и по завршување на средбата. Минатата среда сите го слушнавме Мицкоски како вели дека се согласува со предлогот на премиерот Ковачевски за уставни измени и учество во заедничка Влада, под одредени услови. Променетиот став е добро за државата и тоа треба да се поздрави, да не дозволиме да се пропушти оваа шанса. Доколку избега од процесот или повторно го промени ставот, тоа ќе биде уште едно од низата разочарувања, порача портпаролката на СДСМ.

Во петокот од СДСМ информираа дека работната група ќе ја предводи генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ. Од „Бихаќка“ посочија дека ЦО на партијата го поздравил првиот чекор кој го направи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќањето на уставните измени.

По лидерската средба во средата, која според Мицкоски беше неуспешна, а Ковачевски извести дека има промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, коментарите во земјава, како и пораките од двата штабови се различни, со различни акценти на предлозите на премиерот и првиот човек на опозицијата.

Слични содржини