СДСМ: Грантот од 80 милиони евра значи дека ЕУ не ги заборави македонските граѓани

од Nikola Popovski

Грантот од 80 милиони евра од ЕУ е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и зголемена енергетска ефикасност, соопштија утрово од СДСМ.

Станува збор за средства кои се веќе достапни и се дел од пакетот антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра што Владата ги донесе.

-Сето ова е сериозна поддршка на дело за нашата држава од страна на Европската Унија. ЕУ не ги заборави македонските граѓани и повторно е со нас во време на светска криза, докажувајќи дека е многу повеќе од финансиска поддршка со која ни помага во забрзување на трансформацијата на општеството и подготвувањето на Северна Македонија за полноправно членство во европското семејство, нагласуваат од владеачката партија преку соопштение.

На вчерашниот состанок во Владата за буџетската поддршка од ЕУ, премиерот Димитар Ковачевски рече дека овие средства се веќе достапни и ќе се користат како дел од пакетот антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра.

Според него, грантот на ЕУ од 80 милиони евра е поддршка за субвенции на граѓаните за сметки за електрична енергија, поддршка за малите и средни претпријатија за одржување на континуитетот на бизнисот, како и за државни инвестиции во енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, потсети дека во октомври минатата година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје вети дека Унијата ќе обезбеди 80 милиони евра за борба против енергетската криза.

-Сега го испорачавме тоа. Во пракса, оваа поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата кои се појавија како резултат на енергетската криза. Ова значи да им се помогне на сите домаќинства да ги задоволат нивните основни енергетски потреби. Особено најранливите, кажа тој.

Таа финансиска поддршка од ЕУ, според Гир, „значи одржување и работа на училиштата и болниците, како и помагање на малите бизниси да обезбедат производство на основни прехранбени производи“.

Гир посочи дека 80 милиони евра се само дел од поширокиот пакет вреден една милијарда евра што ЕУ го подготви за Западен Балкан, за борба против енергетската криза и за „зелена транзиција“.

-Голем дел од овие пари се веќе достапни за поддршка на инвестициите во транзицијата на зелената енергија, која станува сè поитна, кажа Гир.

Слични содржини