СДСМ: Се избришаа нотарските изјави на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени

од Nikola Popovski

СДСМ утрово ѝ порача на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека „нема потреба од манифестирање голема нервоза затоа што променија став и прифатија уставни измени, како и учество во широка Влада за европска интеграција“.

-Разбираме дека промената на ставот можеби дојде наеднаш, дека паднаа во вода сите изјави за францускиот предлог и за договорот. Разбираме и тоа дека со една изјава се избришаа нотарските изјави и потписите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени, посочија од владеачката партија.

Сепак го поздравуваат фактот тоа што „се премислија може да го продолжи европскиот пат на земјата“.

-Затоа не треба нервоза. Има време за политичко ривалство, сега е потребна одговорност пред иднината на земјата. Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и прифаќањето уставни измени е добра основа за продолжување на дијалогот, порачаа од „Бихаќка“.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски уште еднаш порача дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа уставните амандмани да бидат ефективни и дел од уставот тогаш кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ а до тогаш да се формира преодна влада без ДУИ до избори. Додаде дека само со уставни измени со одложено дејство, кога ќе станеме земја членка на ЕУ, ќе го заштитиме нашиот идентитет и ќе спречиме понатамошни отстапки.

Централниот и Извршниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници на кои тема ќе бидат начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена по завчерашната средба.

На 15-ти јули лани, ВМРО -ДПМНЕ со изјави од пратениците заверени на нотар гарантираше дека нема никогаш да гласаат за измена на Уставот. Заверените нотарски изјави голем дел од пратениците ги објавија на социјалните мрежи порачувајќи дека никогаш нема да гласаат за внесување на Бугарите во Преамбулата. Сите беа со иста содржина, освен името и презимето на пратеникот, и во нив пишува дека пратеникот тврди оти нема да гласа за внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во која било одредба од Уставот.

Слични содржини