Се надевам дека нема да заврши со „кавга меѓу раштимани инструменти“, вели Милановиќ за самитот во Скопје

од Nikola Popovski

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Скопје учествува на самитот на процесот Брдо-Бриони и се надева дека собирот нема да заврши како претходните две во „кавга меѓу раштимани инструменти“ и кршење копја при усвојувањето на завршните декларации, објави хрватски „Индекс“. Зоран Милановиќ и шефицата на словенечката држава Наташа Пирц Мусар се копретседавачи на иницијативата Брдо-Бриони, започната во 2013 година, чиј домаќин оваа година е нашиот претседател Стево Пендаровски.

И на оваа средба заедничка нишка на иницијативата останува приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија, што беше нејзина првична цел, а лидерите ќе се осврнат на сузбивањето на последиците од климатските промени и задржувањето на младите на Западен Балкан.

На средбата, покрај претседателите на Хрватска, Словенија и Северна Македонија, учествуваат и претседателите на Србија, Албанија и Црна Гора, претседателот на Косово и тројца членови на Претседателството на БиХ.

На минатогодишниот самит завршната декларација не беше усвоена бидејќи хрватската претседателка побара во документот да се спомене конститутивноста на трите народи во Босна и Херцеговина, со кој двајца членови на нејзиното Претседателство, бошњачкиот Шефик Џаферовиќ и хрватскиот Жељко Комшиќ не се согласија.

Една година пред тоа, учесниците прифатија само компромисен текст на завршната изјава поради препирките меѓу косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот лидер Александар Вучиќ.

Слични содржини