Се прават напори да гласаат и граѓаните чии документи истекле во последните девет месеци

од Nikola Popovski

Предлог законски измени на Изборниот законик, по скратена постапка, со кој, освен имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врши и допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата круга, ќе се најде утре на собраниска седница.

Измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да ја подобрат транспарентноста на целиот изборен процес, но особено да спречат злоупотреби во делот на рекламирањето на партиите со државни пари во медиумите, што според многу експерти прeтставува континуирана корупција и влијание врз медиумите.

Со преодната одредба од овој предлог се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите.

Предлог изменување и дополнување на Изборниот законик се поднесени од пратениците Арбер Адеми (ДУИ), Мартин Костовски (СДСМ) и Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ).

Во предлог текстот, се вели дека предложеното законско решение е во насока на подобрување на изборниот процес и обезбедување на еднакво, демократско и слободно избирачко право.

Слични содржини