Секој пратеник треба да одлучи – глас за Европа или изолација, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski

СДСМ го поздравува фактот што во Собранието започна постапката за измени на Уставот со чие усвојување ќе се забрза процесот на интеграција во ЕУ. Од партијата потенцираат дека сега е редот на пратениците.

-Секој кој и мисли добро на државата им мисли добро на граѓаните, ќе даде поддршка за уставните измени со кои се прави голем исчекор во преговорите со ЕУ. Измените на Уставот не задираат во идентитетските прашања, туку со нив се задржува примарната уставотворност и се гарантира посебноста на македонскиот народ, велат од владеачката партија.

Од СДСМ се децидни дека не смееме да ја пропуштиме оваа шанса за Европа и да се донесе европски квалитет на живот дома.

-Секој пратеник треба да одлучи – или ќе даде глас за Европа или ќе дејствува спротивно од државните интереси и со тоа државата повторно да ја однесе во изолација, каде беше цели 11 години во време на режимот на ДПМНЕ, стои во соопштението од владеачката партија.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера побара што поскоро да се свика пленарната седницат на Собранието за уставните измени.

„Не чекајте пленарна седница до 18 август, закажете ја за утре и доколку владата нема двотретинско мнозинство за уставните измени, парламентот да се распушти и да се распишат избори“, повика Мицкоски.

Тој изрази убедување дека владата ги нема потребните 80 гласа за да ги протурка измените и дека сите 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се единствени во ставот дека, според неговите зборови, „нема да има уставни измени според бугарски диктат“.

Првиот вицепремиер Артан Груби се надева дека европската перспектива на крајот ќе преовлада меѓу пратениците.

„Нема да има предвремени избори, ќе одиме на регуларни избори, ако гласањето не успее, за жал ќе пропадне европската иднина на нашата држава и не верувам дека некој, па и ВМРО-ДПМНЕ, ќе го дозволи ова. Убеден сум дека Имаме пријатели во ВМРО-ДПМНЕ, убеден сум дека оваа партија е европски ориентирана“, рече Груби.

Редовните парламентарни избори во земјава треба да се одржат следната година.

Слични содржини