Шефицата на Европската комисија бара санкции за Белорусија

од Vladimir Zorba

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, се приклучи на апелот на поголем број членки на ЕУ повторно да воведат санкции за Белорусија по изборите и немирите што следуваа во оваа источноевропска земја.

Денеска ќе се одржи итен состанок на европските функционери за воведување санкции, а за тие да бидат дефинитивно изречени, неопходна е согласност од сите 27 членки на блокот.

„Ни требаат дополнителни санкции против оние кои ги нарушија демократските вредности и човековите права во Белорусија“, рече Фон дер Лејен на Твитер.

Европската унија претходно соопшти дека претседателските избори во Белорусија не биле „ниту слободни, ниту фер“ и дека се разгледуваат мерки против одговорните за „фалсификување на изборните резултати“, како и против одговорните за насилство и неоправдани апсења за време на протестите на опозицијата.

„За време на изборната кампања, народот во Белорусија покажа желба за демократски промени. Сепак, изборите не беа ниту слободни, ниту фер“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел на 11 август.

Државните власти користеле „непропорционално и неприфатливо насилство“ во кое најмалку едно лице е убиено, а многу се повредени, илјадници се уапсени и дополнително се загрозени слободи за собирање, изразување и слобода на медиуми, рече Борел, повикувајќи ги властите веднаш и безусловно да ги ослободат сите приведени.

Истата проценка дека изборите не биле фер или слободни, ја повтори претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лаејн.

„Државното насилство и кршењето на слободите и правата е неприфатливо. ЕУ ќе ги разгледа своите односи со Белорусија и ќе преземе мерки против одговорните“, напиша Лејен на Твитер.

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се состанат на 27 и 28 август во Берлин, кога би можеле да подготват нови мерки против Минск, за што лидерите на земјите членки би ги изгласале на самитот на 24-ти септември во Брисел.

Во 2004 година, ЕУ воведе ембарго за вооружување на Белорусија и воведе санкции за оние за кои се тврди дека се поврзани со исчезнувањето на противниците на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Во следните години, ЕУ воведе дополнителни мерки против бројни лица и организации, но повеќето санкции беа олеснети во 2016 година, кога Лукашенко ослободи група на политички затвореници.

Слични содржини