Шеснаесет претстави и пет придружни настани на 44. Млад отворен театар

од Vladimir Zorba

Со победникот на Прашкото квадриенале – перформансот „Оваа зграда (на)вистина зборува“ на уметникот Филип Јовановски, в петок од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе почне 44-тиот фестивал „Млад отворен театар“. До 21 септември ќе има 21 настан – покрај 16-те претстави, на програмата се и два концерта и по една работилница промоција на книга и предавање со дискусија.

Перформансот за отворање ќе биде бесплатен за посетители, но од организациски причини билетите треба однапред да се подигнмат. Ќе има и уште две репризни изведби во МКЦ – на 15 септември од 12 часот и на16-ти од 18 часот. Првата фестивалска вечер на малата сцена во Националната опера и балет е и македонско-словенечката драма-опера „Девојчето со жиците“ во режија на Марјан Неќак.

В сабота во МКЦ од 11 часот ќе гостува Словенско младинско гледалише со десет и полчасовната претстава „Сè уште без наслов“ – нов проект на Томи Јанежич. Директорот на МКЦ Русе Арсов на прес-конференција денеска рече дека влезниците за оваа претстава се веќе распродадени.

На 16 септември во МКЦ ќе гостува италијанската претстава „Човековиот срам“ во која учествува и македонската актерка Симона Спироска, а премиерно беше изведена во март во Матера кој годинава ја носи тиулата „Европска престолнина на културата“. Од Хрватска гостуваат две претстави – на 17 септември ќе биде изведена „Младина без бог“ на режисерот Борут Шепаровиќ во изведба на ЗКМ и „Монтажстрој“, и на 18 септември – „Сè е во парите“ на Борис Бакал. Оваа претстав ќе биде изведена во Железничката зграда во Буњаковец, која ќе се промовира како нова сцена на фестивалот.

Гостински претстави има и од Романија – „Момчињата на Медеја“ (18 септември), Португалија – „Привремени фигури“ (19 септември) и од Грција – претставата „Чист трад“ со која 44. МОТ ќе заврши на 21 септември.

На фестивалската програма годинава се и седум претстави од домашната продукција: „Три сестри“ на режисерот Васил Христов и Турски театар-Скопје (15 септември); „Бакхи“ на Битолски театар во режија на Игор Вук Торбица (17 септември); „Арапска ноќ“ на Прилепски театар во режија на Зоја Бузалковска и настап во живо на „Фолтин“ (18 септември); два перформанса на „Локомотива“ – „Дримстејт“ и „Мунлајт“ (15 септември); скопска премиера на „Несоодветно за на работа“ на Драмски театар-Скопје во режија на Доналд Мофет, која по премиерата на „Охридско лето“ на 20 септември ќе се игра на матичната сцена на ДТС. Меѓу домашните претстави е и „Злосторство на 21 век“ во режија на Владимир Милчин. На 19 септември таа ќе се игра во театарот „Џинот“ во Велес, а МОТ обезбедува превоз за посетителите што ќе купат влезница.

На МОТ годинава ќе има и промоција на книгата „Анамнезис – дијалози за уметноста во јавен простор“ , работилница „Orbis Pictus – Оди и види“ и предавање на Мајк ван Гран, како и концерти на „Шумски“ од Хрватска и на британскиот состав „The Tiger Lillies“.

Новото издание на МОТ го поздрави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој на прес-конференцијата на која беше соопштена програмата рече дека Град Скопје во него препознава фундаментална манифестација и поради тоа годинава ја зголемил поддршката на 3 милиони денари.

– МОТ е повторно тука и повторно ќе ги испрати пораките како што умее само алтернативната уметност. Претставите и учеството на осум држави на разни сцени ќе ја продолжат 44-годишната традиција на најголемиот театарски фестивал во нашата држава, истакна скопскиот градоначалник повикувајќи ги скопјани масовно да ги посетат претставите.

Организатор на „Млад отворен таетар“ е Младинскиот културен центар – институција под капата на Град Скопје за која веќе е поминат рокот за назначување директор. За функцијата има две кандидатури, покрај на актуелниот Русе Арсов, кандидат е и музичарот Бени Шаќири.

-Кога ќе имаме информација што може да биде споделена со јавноста, ќе ја споделиме на време, рече Шилегов.

Инаку, за нова в.д. директорка на Драмски театар-Скопје е назначена актерката Катерина Коцевска по разрешувањето на претходната – Викторија Рангелова-Петровска.

Слични содржини