Силјановска и Пендаровски одат во вториот круг од претседателските избори

од Nikola Popovski

Кандидатката на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова и кандидатот на владејачката СДСМ, претседателот Стево Пендаровски, се пласираа во вториот круг од претседателските избори, соопшти доцна синоќа Државната изборна комисија (ДИК).

Силјановска во првиот круг освои речиси двојно повеќе гласови од нејзиниот главен противник, од кој беше поразена во вториот круг на претходните претседателски избори во 2019 година.

Силјановска Давкова синоќа порача дека резултатот од првиот круг од претседателските избори е неверојатно инспиративен за неа.

„Мислам дека ова е почеток на ново време. Немам зборови да искажам благодарност (на луѓето кои гласаа). Мислам дека не сум посебна во многу работи, само знам дека ќе го остварам тоа што го ветувам, на свој начин, ве уверувам во тоа“, рече Силјановска Давкова на прес-конференцијата од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа најави дека (доколку биде избрана за претседател) ќе соработува со партијата што ја предложила, но и со опозицијата, со невладините, и со медиумите.

„Ве уверувам дека секојдневно ќе се трудам да докажам дека сум таму не поради мојата политичка кариера, туку поради Македонија“, рече кандидатката.

Таа додаде дека во вториот круг од изборите ќе се однесува со должна почит кон противникот со кој ќе треба да се натпреварува.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски синоќа на прес-конференција оцени дека првиот круг од претседателските избори поминал мирно и дека сите учесници биле достоинствени во своето однесување и постапки.

Во неделата, граѓаните избраа меѓу седум кандидати во првиот круг од седмите претседателски избори. Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи заедно со парламентарните избори во среда на 8 мај.

Слични содржини