Со „Европски фронт“ против руското влијание: „Гласачите ќе одлучат дали ќе му веруваат на ДУИ дека Русија тропа на врата“

од Nikola Popovski

ДУИ го официјализираше „Европскиот фронт“ за настап на изборите, но засега само со албански партии. Пред два дена, беше потпишан договор за влез на Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд. За лидерот на ДУИ, Али Ахмети 8-ми мај ќе биде своевиден референдум за тоа дали Македонија цели или не кон ЕУ. Најави дека партијата е во фаза на преговори со крилото на Зијадин Села, со ДПА на Мендух Тачи и со Аријанит Хоџа од Евроската демократска партија, но и со партии од турската и ромската етничка заедница. Од друга страна, Реџепи рече дека е задоволен од договорот со Ахмети и оцени оти Европскиот фронт може да има историска димензија.

Партиите од таборот се обединија околу слоганот „Да за Европа – не за Русија“ – став кој од Мала Речица може да се слушне подолг период. Уште на почетокот на годината, владините функционери и членови на ДУИ, Артан Груби и Бујар Османи испратија остри пораки кон официјална Москва за руско влијание во земјава. Двајцата истакнуваа дека Русија стои зад сите обиди за поткопување на стратегиските цели на Македонија и

Кој кого плаши со руско сценарио?

Новинарот и познавач на состојбите, Дритон Зенку во разговор за „Локално“ вели дека руското влијание во земјава и на Балканот е факт и се протега на многу нивоа, вклучувајќи ги медиумите, политичките партии и невладините организации, но поочигледно е дека ДУИ има тенденција да извлече политичка корист од проевропската ориентација и антирускиот пристап.

Дритон Зенку

-Дури и мотото на оваа партија алудира на овие два моменти, Да за Европа, Не за Русија. По оваа идеја, во коалицијата „Европски фронт“ се собираат и други политички партии. Во оваа динамична кампања може да се рециклираат и други гласови, како што спомнавте во вашето прашање, но мислам дека суштината е обвинувањето против албанската опозиција дека, според ДУИ, е под влијание на ВМРО-ДПМНЕ како најголем центар на руско влијание во Македонија, посочува Зенку.

Истакнува дека целта на политичките партии е да бидат на власт, односно дека ДУИ и Али Ахмети ги користат сите демократски методи за да останат на сегашната позиција.

-Нивните аргументи се дека управувањето со државата е сериозна работа и бара капацитет, знаење и визија за да се ориентира државата на прозападен пат. На електоратот е да ја согледа или отфрли нивната кауза. ДУИ предупредува дека Русија тропа на врата. Дали нивната идеја ќе биде прифатена, ќе се види на денот на гласањето, оценува соговорникот.

На прашањето колку оваа реторика „пали“ кај албанскиот електорат во земјава, Зенку објаснува дека ориентацијата на албанското население е проевропска и секое истражување на јавното мислење го докажува тоа.

-Значи, имаме работа со тврда ориентација на електоратот и политичките партии се обидуваат да ги утврдат своите каузи согласно убедувањето на граѓаните. ДУИ, но и ВЛЕН го знаат овој факт и се соочуваат токму со овој концепт кој е попроевропски и попроамерикански, порачува новинарот.

Неодамнешно истражување на американскиот Волстрит журнал, вели дека на Путин сака војна на Балканот, на што Зенку потенцира дека алармот се вклучува и информациите циркулираат.

-Ги потврдуваат меѓународните аналитички центри. Тајните служби се во акција. Има индиции за дестабилизација на Балканот и тоа останува реално сценарио. На Балканот има држави-бомби кои можат брзо да се активираат. Постои опасност и никој не може да ја негира. Дали Македонија ќе се приклучи на ова сценарио, одлучувачка улога ќе има новата влада што ќе произлезе од мајските избори, заклучува соговорникот.

Политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи посочува политичкиот наратив на партиски челници е засилен поради изборниот процес и не претставува работа од суштинско значење. Политиката секогаш се труди, додава тој, да биде до вистинските вредности преку зборови додека во реалноста многу аномалии имаме во севкупниот систем.

Енвер Салихи

Според Салихи, ваквиот настап е само изборна реторика и виден наратив од сите политички партии кои патем се загрижени за иднината додека сите придонеле за големиот егзодус и неред кој владее денеска.

-Секако дека политичките партии бараат да бидат секогаш власт, но нема простор за никаква паника од причина што напишаниот принцип победник со победник е прекршен неколку пати, па таа коалиција која ке оствари 61+ ке ја направи владата. Секако дека сакаат да наметнат мислење дека без нив не се може додека во политиката без секој се може и секогаш постои некој што ќе ја изврши задачата што првиот ја има. Најдобра дефиниција е изреката „Panta rei“ – се се менува и се се движи и никогаш не вели никогаш во политика, наведува Салихи во разговор за „Локално“.

Предупредува дека обвинувањата се обострани и се нормални, но сепак гледаме, како што вели, дека некои активисти или чинители ги мешаат членовите на семејствата во дневни политики или пак се трудат да го оцрнат другиот со приватни работи или монтажи што е дегутантно и одвратно од страна на неиостомислениците.

-Македонија е сигурна држава поради тоа што сме покриени од НАТО Алијанса и секакво сценарио против Македонија или било која членка би било сценарио против НАТО и не верувам во тие заговори. Но сепак би можело да дојде до внатрешни несогласувања доколку победникот од македонскиот блок не би направил влада што е еден можните настани после избори. Останува да се види коалицискиот капацитет на ВМРО и настаните до формирање на идната влада, што е од голем интерес за граѓаните, заклучува Салихи.

Н.П.

Слични содржини