Собранието не може да одржи седница: Пратеник позитивен на Ковид-19, опозицијата не влезе во салата

од Nikola Popovski

Поради тоа што пратеникот од редовите на СДСМ, Дарко Каевски е позитивен на коронавирус, а се чекаат резултатите за друг пратеник, мнозинството не беше во можност да обезбеди кворум за иницирање на 30-та седница на која се ставени законот за попис на населението, интерпелацијата против Никола Димитров и низа други закони.

Координаторот на СДСМ, Јован Митрески ја обвини опозицијата дека со денешното неприсуство на седницата покажува недржавничко однесување, особено, како што рече, што на оваа седница, меѓу другите, се измени на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против КОВИД-19.

-Опозицијата има други интереси, теснопартиски и лични, за да се прикаже државата во лошо светло, поради што трпат институциите и државата, рече Митрески додавајќи дека од овие причини опозицијата го блокирала донесувањето на Деловникот за онлајн седници со цел, како што рече, да може да ја кочи работата на Собранието.

Пратениците од опозицијата, иако присутни во Собранието, не влегоа во салата за да обезбедат работен кворум.

-Опозицијата е цело време во Собранието и ќе ви дишеме цело време во врат се додека се обидувате на ваков начин да ја преставите демократијата во Република Македонија. За жал имаме позитивен колега и колега кој очекува резултати на кои им посакувам добро здравје и побрзо враќање во пратеничките клупи, но она што го зборуваме од почетокот се покажува на дело, затоа што со 62 пратеника се однесувате како да имате 100, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Слични содржини