Сомнителна руска фирма сакала да добие тендер во Министерството за одбрана

од Nikola Popovski

Сомнителна руска фирма се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема за Министерството за одбрана, информира денеска министерката Славјанка Петровска.

„Понудата на оваа фирма беше речиси иста со другите две фирми, значи не се разликуваше многу, може за некои стотина илјади евра, меѓутоа во втората фаза спуштија неверојатно ниско, речиси 50 насто поевтина сума и тоа ни го потврди сомнежот дека по секоја цена сакаат да го земат“, изјави министерката.

Беше посочено дека фирмата е регистрирана во земја членка на ЕУ за да се прикаже како релевантна на пазарот, меѓутоа во постапката уште пред да биде направена безбедносната проверка, македонските разузнавачки служби алармирале дека станува збор за сомнителна руска фирма.

Според Кривичниот законик, Петровска вели нема основ за кривично дело, но заштитата на безбедноста на државата треба да се крене на повисоко ниво.

Mинистерката денеска на брифинг со претставниците на медиумите детално ги образложи одредбите од новиот Закон за вработените во одбраната, за кој рече претставува силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. Информираше дека во Министерството е формирана Комисија составена од членови на Синдикатот и на Министерството која ќе ја следи примената на новиот Закон и на донесениот Колективен договор.

Законот за вработените во одбраната беше донесен на 28 февруари, со 97 гласа „за“, по неколкумесечна блокада во Собранието.

Слични содржини