Стојанов доби доживотна забрана за влез во Македонија

од Nikola Popovski

На контроверзниот претседател на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, му е изречена доживотна забрана за влез во земјава. Ова го изјавил самиот тој за бугарскиот портал „Лупа“. Стојанов веќе имаше забрана за влез во времетраење од една година и 3 месеци.

Кога му завршила казнатам се упатил кон Скопје, но како што вели, бил вратен назад на граница бидејќи забраната му беше продолжена на неодредено време.

„Нема причина да не ми биде дозволен влез во земјата. Немам ни казна за непрописно паркирање, но ете сум непожелен. Во РСМ имам спроведено над 500 хуманитарни иницијативи, се обидов да му помогнам на Скопје побрзо да влезе во ЕУ, како и да ги зближам двата народа. Наместо благодарност, добив забрана. Со ова ќе ги запознаам Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа. На овој начин работите нема да останат незабележани“, рекол Стојанов за бугарска „Лупа“.

Тој смета поради „омраза кон бугарскиот народ, влезот на Северна Македонија во ЕУ бил одложен“.

„Некои опозициски партии се виновни за заостанатоста на Северна Македонија, како и претседателот Стево Пендаровски. Наместо да гради мостови меѓу двете земји, тој постојано ги уништува“, рекол Стојанов.

Според него, Албанија целосно заслужува да го продолжи својот пат кон европската интеграција и да се оддели од пакетот со Македонија.

Виктор Стојанов е познат по тоа што во март 2021 година преку граничниот премин Деве Баир проба да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа ги врати книгите назад во Бугарија. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.

Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за Македонските Бугари“.

Фондацијата „Македонија“ не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.

Слични содржини